1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Банките мора да платат

25 јуни 2010

На Самитот на Г-20 во канадскиот град Торонто, Европската унија сака да се претстави како предводничка на реформите на финансискиот пазар. Но, ЕУ нема голем успех во напорите подобро да ги контролира финансиските пазари.

https://p.dw.com/p/O2QY
Торонто е домаќин на Самитот на Г-20Фотографија: AP / CC_Marcin n_nc

Апелот на претседателот на комисијата Жозе Мануел Барозо е стар веќе една година, но оттогаш не загуби на актуелност: „Сега или никогаш! Ако во услови на вистинска криза не сме во состојба да направиме реформи во финансискиот сектор и финансиската контрола, тогаш кога ќе направиме?“

Малку конкретни одлуки

Michel Barnier
Мишел БарниеФотографија: AP

Во меѓувреме, земјите-членки, комисијата и Европскиот парламент многу дискутираа, но донесоа малку конкретни одлуки. Во нивна одбрана мора да се каже дека барањето компромиси во комплицираната структура на европските институции секогаш е долготрајно. Голем дел од иницијативите доаѓаат од еврокомесарот за внатрешниот пазар Мишел Барние, кој исто така е надлежен и за контролата на финансиските пазари. Неговото мото звучи едноставно: „Плаќачите на данок не смеат веќе да бидат први на удар и да плаќаат за грешките на менаџерите и погрешното работење на одредени банки.“

Како последица на тоа, сега во институциите на ЕУ се препорачуваат низа мерки за подобра контрола и надзор на финансискиот сектор. На пример, за регулирање на трговијата со деривати и осигурувања за отпаѓање на кредити, како и за правила на однесување на хеџ-фондовите и приватните инвеститорски компании. До крајот на годината ќе стапат на сила и правила за рејтинг-агенциите.

Меркел го придоби Камерон

Deutschland Merkel empfängt Cameron
Дејвид Камерон и Ангела МеркелФотографија: AP

Но, во многу случаи конечиот исход од преговорите во групата Г20 се‘ уште е потполно нејасен. Пред се‘ Британците, со нивниот финансиски центар значаен во светски рамки, се противат на многу работи, кои според нив премногу би го ограничиле банкарскиот сектор. На последниот Самит на ЕУ минатата недела, на сојузната канцеларка Ангела Меркeл и’ успеа да го придобие и британскиот премиер Дејвид Камерон за заеднички став во поглед на данокот за финансиски трансакции, но само по цена на прилично непрецизно формулирана спогодба.

„Во секој случај Советот денес рече дека сакаме да развиеме таков систем на данок за финансиски трансакции, и се разбира да откриеме како може да се направи тоа, и заедно ќе се заложиме за тоа, сите земји-членки кои се застапени во Торонто“, изјави Меркел.

Стрес-тестови за големите банки

Rebecca Harms
Ребека Хармс од ЗеленитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Сепак, секоја земја-членка на ЕУ поединечно може да развива и истражува, а како второ, многумина велат дека овој вид данок може да има успех само во светски рамки. Притоа, отпорот надвор од Европа е многу голем. Шефицата на пратеничката група од Зелените, Ребека Хармс, пред неколку дена во Европскиот парламент го искажа своето разочарување: „Според мојата пратеничка група, на пример, со целата дискусија за данокот за финансиските трансакции станува јасно дека граѓаните на Европската унија веќе не можат да слушаат како само се зборува, и проблемот се префрла меѓу различните политички нивоа, кои можат да го разрешат.“

Голем дел од плановите на ЕУ за реформите на финансиските пазари, во секој случај доаѓаат предоцна за Торонто. Сепак, шефовите на држави и влади, на самитот минатата недела, беа зачудувачки категорични. Тие одлучија кон крајот на јули да објават таканаречени стрес-тестови за големите банки, што беше значително повеќе од очекуваното на овој необврзувачки самит.

Автор: Кристоф Хаселбах / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска