1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерење на силите меѓу исламистите и лаицистите во Турција

Баха Гингер4 јули 2008

На владината партија, премиерот и други политичари им се заканува забрана за дејност; владата, пак, апси нејзини критичари. Тоа уште повеќе ја заострува и онака крајно напнатата ситуација. Коментар на Баха Гингер.

https://p.dw.com/p/EWOE
Апсења во ТурцијаФотографија: AP

Европејците деновиве со загриженост гледаат кон Турција, каде ескалира внатрешно-политичката ситуација. Не е на повидок решение на долготрајната криза меѓу религиозно-конзервативната АКП и лаицистите, никој ни за чекор не отстапува од своите позиции. До крајот на месецов се очекува решение на Уставниот суд.

Ако биде забранета АКП, а на 40-ина политичари на чело со премиерот Ердоан им биде ускратена натамошна политичка активност, тоа ќе биде под образложение дека партијата станала „центар на фундаменталистички активности против лаицистичкиот поредок на републиката“. Така беа образложени претходните забрани на четири исламистички партии, сите предводени од политичкиот ментор на Ердоан, поранешниот премиер и водач на исламистите Неџметин Ербакан.

Само Уставниот суд може да и’ застане на патот на АКП

Владата нареди втор бран апсења на наводни членови на илегална организација под име „Ергенекон“, нејзини критичари кои ги сомничи за планирање напади и пуч. Тоа е име на митската прататковина на турските народи. Националистичката симболика е препознатлива.

Критичарите на режимот и поборници за стриктна одвоеност на државата и религијата во смисла на основачот на Републиката Кемал Ататурк, се маргинализирани по минатогодишните избори. АКП, со големо мнозинство во парламентот, може да жари и пали, како сака. Спречена може да биде само уште од Уставниот суд, кај кого опозицијата и следбениците на Ататурк повеќепати имаа успех.

Ердоан провоцира проба на силите со противниците

Носен од поволен ветер од Европа, Ердоан се почувствува непогрешен. За да се смири базата, мораа да бидат реализирани предизборните ветувања за укинување на забраната за носење шамии на универзитетите и во администрацијата, придружено со чекори кон натамошна исламизација на земјата. Тоа премиерот го направи необѕирајќи се на загубите и сакаше да ги оствари своите цели делумно и со груби средства. Тој не бараше компромиси и провоцира проба на силите со политичките противници.

Прекин на преговорите за пристап кон ЕУ би бил катастрофален сигнал

Крај на внатрешно-политичката криза не може да се очекува пред крајот на борбата за власт и пробата на силите. Победничката страна потоа ќе биде одговорна повторно да ја доведе Турција на колосек во европска насока. На Западот не му треба ни турска република претерано ориентирана кон исламистички вредности, ниту пак базирана врз надминати националистички вредности. Со можно избивање внатрешни безредија, на Европа и’ се заканува да загуби еден политички и воен сојузник од доверба, а токму таков и’ е итно потребен, со оглед на крајно немирните конфликтни региони во соседството на Турција. Оттука, прекин на преговорите за пристап кон ЕУ, што лекомислено го бараат противниците на приближувањето на Турција кон Унијата, би бил катастрофален сигнал.Тој само би ги охрабрил обата пола на турското општество натамошно да ги закорават своите позиции.