МВР трага по напаѓачите
27 ноември 2008Министерството за внатрешни работи соопшти дека во текот на ноќта во селото Кучевиште, во близина на Скопје, го пронашла возилото од марката „голф“ од кое вчера беше стрелано врз припадниците на полициската единица „Алфи“. Тринаесет лица се приведени на информативен разговор поради можна поврзаност со нападот во кој загина еден полицаец, а двајца се повредени.
Нападот, кој беше изведен пред Природно-математичкиот факултет во Скопје, заврши фатално за 39-годишниот полицаец Африм Арифи. Еден од двајцата повредени сеуште е во критична состојба. Тој се наоѓа во Ургентниот клинички центар во Скопје. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во меѓувреме изјави дека откако ќе завршат вештачењата полицијата ќе може да соопшти повеќе информации за мотивите и евентуално осомничени лица. Таа притоа нагласи дека нападот нема да влијае врз решителноста на МВР да се справи со криминалот во земјата.
До доцна во ноќта македонската полиција вршеше засилени контроли на главните крстосници во Скопје, а посебно се проверуваа населбите кои се сметаа за прибежиште на криминилаци. Во акцијата има приведени, но полицијата засега не соопштува повеќе детали.
Ова е втор напад од почетокот на годината врз полициски специјални единици. Во јануари беше убиен припадник на единицата „Тигри“. МВР ги откри тогашните сторители и тие во меѓувреме се осудени. Се претпоставува дека мотивот за нападот (на 26.11.2008) врз „Алфите“ можеби е одмазда за приведените и осудените од јануарскиот напад врз полициската патрола.
Специјалната единица „Алфи“ е формирана пред четири години. Во јавноста таа предизвикува контроверзни реакции и критики пред се’ од страна на Хелсиншкиот комитет и Советот на Европа, поради бруталноста на полициските интервенции. Сепак факт е дека единицата е успешна во борбата со урбаниот криминал, особено во Скопје.