1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајкл Сахлин нов претставник на ЕУ за Македонија

12 јули 2004

Обновата на Ирак и состојбата во Судан, но и западниот Балкан се теми на кои расправаат министрите за надворешни работи на ЕУ на денешната средба во Брисел. Притоа, централна точка во делот за Балканот е новиот документ за Косово, што во име на централноевропските земји-членки на Унијата го претстави австрискиот министер за надворешни работи Бенита Фереро-Валднер.

https://p.dw.com/p/AcMP

Советот на министрите му искажа благодарност на досегашниот претставник на ЕУ во Македонија Сорен Јесен Петерсен, кој заминува на должност шеф на УНМИК на Косово, за неговиот голем придонес за зацврстување на мирот и стабилноста. За негов наследник во Македонија Советот го именува амбасадорот Мајкл Сахлин, кој должноста ќе ја преземе на 1-ви август. Бенита Фереро Валднер на прес-конференција пренесе: “Зборувавме за Западен Балкан. Вчера бев на инаугурацијата на Борис Тадиќ. Определувањето на српскиот народ за реформските сили и за Србија го сметаме за многу битно. Во таа пригода водев разговори со министерот за надворешни работи Драшковиќ, со премиерот Коштуница и со претседателот Борис Тадиќ, а пред неколку денови во Виена беше вицепремиерот Лабус. Сето се совпадна. Тука добивма увид како натаму би можеле да се развиваат работите. Мој впечаток и во разговорите со другите колеги во Унијата е дека демократските сили во Србија, кои се свртени кон реформите, сакаат да соработуваат. Се разбира дека тоа не е лесно, зашто постојат многу пречки, но постои и свест дека мора да се соработува. ЕУ е подготвена да и‘ даде поддршка на Србија. Доколку Србија направи чекор понатаму во спроведувањето на политичките и економските реформи и на меѓународните обврски, тогаш може да се реализира и позитивно да се заклучи студијата за изводливоста на почетокот на преговорите за Спогодба за стабилизација и асоцијација”, рече Фереро-Валднер.

За косовскиот документ Бенита Фереро-Валднер на прес-конференцијата рече дека уште вчера разговарала во Србија и оти бил прифатен многу позитивно. ”Во документот свесно е испуштено прашањето за статусот, но се спомнуват битни прашања за развојот на Косово, се‘ едно дали станува збор за безбедноста, економијата. Како централна точка е прашањето за децентрализацијата, каде се наведува дека на српското малцинство на Косово треба да му се даде доволно можност за самоуправа. Тоа ќе биде многу битно за решавањето на иднината на Косово, кое ќе треба да ја има предвид мултиетничката заедница”. Австрискиот министер за надворешни работи во овој контекст уште додаде: ”Поттик за Приштина е даден по пат на отстапки на подрачјето на правата на малцинствата и децентрализацијата, потоа со засилена самоуправа по пат на предавање на дополнителни компетенции на косовските институции и се разбира, европска перспектива за иднината врз основа на резолуцијата на ОН 1244. Поттик за Белград се европската перспектива, евроатлантската интеграција, и јасната потврда на заштитата на српското малцинство” - заклучи Бенита Фереро- Валднер.

Министрите за надворешни работи на Унијата ги поздравија резултатите на претседателските избори во Србија и ја потврдија подготвеноста на ЕУ да и‘ помогне на Србија и Црна Гора на патот кон Унијата. Министрите му ја искажаа својата подрршшка на новиот специјален пратеник на ОН за Косово Сорен Јесен Петерсен.

Во врска со Босна и Херцеговина, министерскиот совет ги поддржа мерките што ги претстави специјалниот пратеник на ЕУ Педи Ешдаун и неговите барања до властите на таа држава за целосна соработка со судот во Ден Хаг. Посебно се повикани властите во Република Српска да ги преземат сите мерки во потрагата, апсењето и префрлувањето на преостанатите лица обвинети за воени злосторства.