Мајката на убиецот од Тулуз ослободена, братот на сослушување
24 март 2012Братот на Мохамед Мерах, осомничениот убиец од Тулуз, денеска (24.03) заедно со девојката мораше повторно да замине на сослушување во Париз. Истрагата сака да разјасни како 24-годишниот Мерах можел да дојде до толкаво количество оружје, иако самиот немал никакви приходи.
Шефот на француската тајна служба Анж Мансини за телевизијата БФМТВ изјави дека Мерах, додека бил опколен во станот од страна на полицијата, изјавил оти за оружјето платил 20.000 илјади евра и дека до парите дошол со крадење. Мансини рече дека полицијата смета оти тоа може да е вистина и дека ќе го испита потеклото на оружјето.
Пред својата смрт Мерах изјавил и дека ни мајка му, ни брат му немале сознанија за неговите планови. Портпаролот на полицискиот синдикат Кростоф Крепин сепак, на новинарите им соопшти дека полицијата има укажувања оти братот на Мерах, Абделкадер, можеби му помогнал. Братот пред неколку години веќе бил сослушуван од страна на полицијата, поради тоа што имал контакт со мрежа која испраќала младинци од регионот за Ирак.
За разлика од Абделкадер, мајката на Мерах вчеравечер е ослободена од притвор без да биде обвинета. Нејзиниот адвокат изјави дека таа е „уништена“ и дека „никогаш не можела да си претстави оти нејзиниот син ќе направи такво нешто“.
„Отсекогаш беше лабилен“
Чичкото на Мохамед Мерах пак, за еден француски магазин изјави дека осомничениот убиец отсекогаш бил „лабилна личност“. Кога слушнал дека убиецот напаѓа северноафриканци и евреи, и тој се плашел, тврди Ахмед А. „Си мислев дека јас би можел да бидам следен. Никогаш не би помислил дека Мохамед е сериски убиец.“ Чичкото Ахмед А. тврди дека од телевизија дознал за идентитетот на убиецот.
Мерах беше убиен во четвртокот (22.03) при престрелка со полицијата. Тој во понеделникот (19.03) пред едно еврејско училиште во Тулуз уби три деца и еден учител по религија, а претходно, на 11 и 15 март, со истото оружје застрела тројца војници во Тулуз и Монтабан.