1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мафијата стана недопирлива

Ивица Петровиќ
30 јули 2018

Убиството на адвокатот Драгослав Огњановиќ е продолжение на серијата неразјаснети ликвидации во Белград. Тоа е гротескен демант на тврдењата на власта дека граѓаните се сигурни и доказ дека мафијата прави што сака.

https://p.dw.com/p/32IMS
Symbolbild Kriminalität Mord
Фотографија: Fotolia

Ликвидацијата има професионален потпис. Драгослав Миша Огњановиќ е убиен во класична заседа, и притоа ранет во раката е и неговиот син, кој не е во животна опасност. Убиството на овој адвокат е 19 од почетокот на годинава во Србија, кое потсетува на типични мафијашки ликвидации.
Но, доколку судирот на Кавачкиот и Шкаљарскиот мафијашки клан - двата од Котор - или пресметките на т. н. „навивачки групи“ се набљудуваат од регионален агол - бидејќи ликвидациите се одвиваат на просторот на Србија и Црна Гора - тогаш ова е 22 убиство од овој тип годинава.

Огњановиќ во својата кариера имаше цела низа случаи од висок профил: го застапуваше криминалецот Лука Бојовиќ, поранешниот претседател Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, обвинетите во постапката за убиство на францускиот навивач Брис Татон и навивачот на Црвена Ѕвезда Велибор Дуњиќ.

Страшна порака

Српската полиција по убиството започна акција под името „Виор“, но без видливи резултати. Адвокатските комори на Белград и Србија денеска (30 јули) ја запреа работата на една недела во знак на протест.
Убиството покажува дека мафијата мисли дека смее и може да стори буквално сѐ, вели адвокатот и поранешен коминистер на полиција Божо Прелевиќ. „Кој сега ќе смее да се занимава со одбрана на кој било кога се во прашање сериозни мафијашки групи и убиства кои се поврзани со тоа?“, прашува Прелевиќ.

Serbien Dragoslav Ognjanovic
Адвокатот Драгослав Миша ОгњановиќФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

„Тоа значи дека ако ги застапувате оштетените, кои се жртви на мафијашки кланови, тогаш се појавуваат ликови кои ќе ве убедат или да не ја работите својата работа или да го напуштите случајот. Доколку тоа го надополнител со навивачките групи, кои минуваат многу лесно, или се измислуваат податоци кои ги ослободуваат од вина, јасно ви е дека присуствуваме на целосно нарушување на правниот систем“, вели Прелевиќ за ДВ.

Тој го опишува случајот како порака исто и како „кога ќе убиете новинар, тоа е порака за другите новинари да престанат да пишуваат за работи кои можат скапо да чинат. А мислам дека на овој начин им упатија сериозна порака на државните институции, судовите и адвокатурата“.

Убиството е уште едно во низата неразјаснети злосторства кои во последно време се случуваат на улиците на Белград и други српски градови, вели Саша Ѓорѓевиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика. „Сето тоа покажува дека обвинителството и полицијата немаат адекватен одговор на мафијашките пресметки. Тоа е многу загрижувачки за сите, а особено загрижува одговорот на обвинителството кое ги води истрагите“, вели Ѓорѓевиќ за ДВ.

Кој е сигурен?

Симболичен почеток на серијата беше убиството на еден од водачите на навивачите на Партизан, Александар Станковиќ-Сале Мутави пред две години. Тој беше на слобода иако беше правосилно осуден на затворска казна, а многумина тврдат дека бил човек на Александар Вучиќ на трибината на Партизан. Од „војната против мафијата“ која тогаш ја најави Вучиќ нема ништо.

Aleksandar Stanković Überwachungskamera
Александар Станковиќ беше убиен во 2016 годинаФотографија: Partizan Belgrad

Како едно од објаснувањата зошто нема сериозен одговор на државата на растот на организираниот криминал, Божо Прелевиќ наведува дека чистките во државната управа и наездата на луѓе со купени дипломи не можат да доведат до ништо друго освен до раст на криминалот. „Необразовани, корумпирани, наведувани од навивачи и политичари, тие се само слика на немоќта на државата. Власта така доби послушници во институциите, и тие не можат да излезат на крај со овој вид финансиски моќен криминал“.

Прелевиќ притоа остро ја критикува и Европската Унија. „Додека не дојдоа овие кои ветуваа решавање на Косово, тие и правеа некој мониторинг. Скандализиран сум од однесувањето на ЕУ и нивното неумерено фалење на оваа власт, кое само ѝ дава крила. Тоа ги убедува дека се тие најдобри, најпаметни, и дека можат да прават што сакаат само ако потпишат некаков правнообврзувачки договор“.

„Молчат граѓаните, молчи ЕУ, медиумите и независните интелектуалци се под притисок - мислам дека оттука прилично јасен е одговорот на прашањето како дојдовме до тука, зошто не се чувствуваме безбедно и зошто луѓето бегаат од Србија“, заклучува Прелевиќ.