1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матурантка со генијален пронајдок

А. Ебхарт / Б. Мозебах / Е.М. Фиданоска22 октомври 2013

Сѐ почесто се случува пилотите да бидат заслепени од ласерски зраци. Антонија Шер има решение - 16-годишната ученичка од Германија создаде стакло за кокпитот кое при удар на ласерски зрак се затемнува.

https://p.dw.com/p/19ser
Фотографија: DW

Напади со ласерски зраци - пилотите во Германија сѐ почесто се заслепувани при слетување. Тоа претставува голема oпасност. Производителите на авиони веќе десет години без успех работат за изнаоѓање мерки за заштита.

Проблемот успеа да го реши 16-годишната Антонија Шер. Нејзините соученици не можат да поверуваат дека во нивната гимназија учи вистински пронаоѓач.

„На почеток воопшто не мислев дека е тоа некоја голема работа, но убаво е“, вели Јасемен Клек, а Џејкоб Дејк додава:

„Тоа е во некоја рака и реклама за училиштето и за наставниците.“

За Антонија, меѓутоа, нема причина за еуфорија.

Symbolbild - Cockpit
Фотографија: Fotolia/Marcito

„Останувам реална: прво матура, а потоа ќе видам како натаму.“

Ученичката во трети клас во гимназија една година трагала по решение за проблемот со заслепување на пилотите од ласерски зраци. Притоа имала поддршка од наставникот по физика.

„Отсекогаш сакав да станам пилот. Летањето е супер. Лани во весник прочитав дека за малку ќе дошло до несреќа поради заслепување на пилотите, и сакав тоа да не ми се случува во иднина“, вели Антонија.

Нејзиниот изум е стакло со течни кристали и сензори за кокпитот на авионот: тоа се затемнува при контакт со опасното ласерско светло и пилотот не е заслепен. Идејата на Антонија во меѓувреме ги заинтересира големите авиокомпании:

„Добив покана од една авиокомпанија да им го презентирам својот експеримент и тие беа одушевени дека тоа му успеало на едно 16-годишно девојче.“

Нејзините родители се горди и веќе го имаат пријавено изумот за патентирање. Антонија меѓутоа не сака биде пронаоѓач. Таа си останува на својот сон од детството: „Пилот, а потоа да летам со авион во кој можеби некогаш ќе биде вградено моето стакло.“

Пред да почне со пилотска кариера, таа мора уште една година да оди на училиште.