1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марш против насилството и дрогата

9 мај 2011

Десетици илјади граѓани во Мексико сити излегоа на протести против насилството. Учесниците во маршот бараат промена на политиката. Само во изминатите четири години, во Мексико животот го загубија околу 40 илјади луѓе.

https://p.dw.com/p/11CBU
Борба меѓу картелите во Мексико
Борба меѓу картелите во МексикоФотографија: AP

Демонстрантите носат бели маички со принт од флеки од крв: „Доста е крвопролевање!“ пишува на нив. Преку мегафонот пак бараат оставка на претседателот Филипе Калдерон. За многумина Мексиканци тој е соодговорен, за големиот број жртви во земјата. Тој беше човекот, кој пред четири години ја испрати војската на улица, за со автоматско оружје да се бори против картелите со дрога. Оттогаш бруталноста драстично се зголеми и се водат меѓусебни борби, меѓутоа честопати погодени се и невини лица.

Марш во Мексико сити
Марш во Мексико ситиФотографија: AP

Меѓу демонстрантите во Мексико сити се најде и Жанет Хернандез. Среќна е што е се’ уште жива. Пред два месеца со сопругот и пријателите патувајќи кон Акапулко, на море, на фреквентна делница ненадејно биле сопрени од темен автомобил, по што вооружени лица го опколиле автомобилот: „Мислев дека ќе не убијат. Излегоа со автоматски пушки. Можев да видам што направија со еден маж, кој го возеше автомобилот пред нас. Го фатија за коса, го тепаа, и му го вперија оружјето во глава. Тој плачеше и молеше да го остават на мира, но тоа ги направи уште поагресивни.“

Со вперено оружје Жанет Хернандез и нејзините пријатели биле сослушувани среде автопат, по што можеле да го продолжат патувањето, оти не биле тие што ги барале. Случајот не го пријавиле во полиција, имено многу полицајци работат за картелите и извршуваат убиства по нарачка. Правниот систем во Мексико е парализиран, девет од десет тешки криминалци остануваат неказнети.

Заканите се секојдневие

Борба меѓу картелите во Мексико
Борба меѓу картелите во МексикоФотографија: picture alliance/dpa

Многумина Мексиканци полагаат надеж во граѓанското движење, кое исто така се залага за реформи. Нивниот водач е Хавиер Сицилија, писател, кој неодамна го загуби синот. Гангстери го измачувале и убиле. Тој се смета за веродостоен оти како татко самиот е жртва на насилство. Во многу делови на Мексико меѓутоа и натaму е опасно. Оној кој на пример ги документира бруталните методи на полицијата и војската, брзо ќе се најде на црната листа и ќе добива смртни закани, вели борецот за човекови права Абел Барера: „За жал заканите станаа секојдневие. За тоа не се пишува никаде во Мексико. Мене ми рекоа да внимавам, инаку ќе ме ликвидираат со моето семејство. Наводно некои луѓе веќе бареле убиец, кој по налог би ме убил. Ми рекоа дека морам да престанам да се борам за човековите права.“

Претседателот Калдерон, чиј мандат истекува наредната година, јасно кажа дека нема да ја повлече армијата во касарните. Со тоа не е на повидок крај на насилството на улиците на Мексико.

Автор: Јоханес Мецлер/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски