Мартовските избори се витален тест
5 февруари 2009Дури и по три претседателски и шест парламентарни избори, изборниот процес во Македонија се` уште поминува со грешки и пропусти. Од масовно гласање, насилство, фалсификати, па се` до убиства. Не случајно деновиве, пред мартовските локални и претседателски избори, повиците за фер и демократски избори стануваат се` погласни. Од нив зависи европската перспектива на Македонија, упорно повторуваат странските дипломати во Скопје. Денеска се огласија евро-амбасадорот Ерван Фуере, како и заменик-шефот на амбасадата на САД Томас Џ. Навратил. За Фуере, изборите во март ќе бидат витално важен тест. Тој од антикорупциската комисија побара засилена контрола на финансирањето на партиите.
Потребна е сериозност
За фер и демократски избори се огласи и невладината организација МОСТ, која ќе ги надгледува изборите со околу две илјади и петстотини доброволци. Сите вклучени во изборите, мора сериозно да го сватат неивното значење, изјави Дарко Алексов, шеф на мисијата на МОСТ. Александар Новаковски, пак, од Државната изборна комисија (ДИК), изјави дека ако во текот на изборите попушти само една алка, последиците ќе ги почувствуваат сите граѓани на Р. Македонија, без оглед на етничката припадност.
Од седумте претседателски кандидати, само Љубе Бошковски ја официјализираше својата кандидатура во ДИК. Во игра за шеф на државата се и универзитетските професори Ѓорѓи Иванов и Љубомир Фрчковски, Мируше Хоџа и Нано Ружин, како и политичарот од ДУИ, Агрон Буџаку.