1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мартин Шулц-нов претседател на Европскиот парламент

17 јануари 2012

56-годишниот германски социјалдемократ Мартин Шулц е избран за нов претседател на Европскиот Парламент. ЕУ треба да биде „покровител – посредник“ во македонско-грчкиот спор за името, е една од идеите на Шулц.

https://p.dw.com/p/13kuD
Мартин ШулцФотографија: picture-alliance/Wiktor Dabkowski

За Шулц гласаа 387 европратеници, со што тој е избран уште при првиот круг на гласањето. Тој ќе раководи со ЕП во следните две години.

Останатите двата противкандидати на Мартин Шулц, немаа никаква шанса да добијат претседателски мандат со оглед на договорот склучен меѓу групата на Народните партии и на Сојузот на прогресивните социјалисти и демократи за поделба на претседателството.

Сепак Диана Валис од групата на Европските либерали и демократи доби 141 глас, и Нерј Дева од редовите на Конзервативците и реформистите 142 гласа.

Прогласувањето на изборот на Мартин Шулц беше од страна на досегашниот претседател на ЕП, полскиот европратеник Јержи Бузек, во присуство на скоро сите досегашни живи претседатели.

Претседател кој сака да се слуша гласот на Европскиот парламент

Во својот инагурален говор Шулц, заблагодарувајќи се за успешната работа на неговиот претходник Јержи Бузек, нагласи дека ќе биде претседател на сите европратеници и дека ќе направи се‘ за да се слушне јасно гласот на Европскиот парламент. Шулц вети дека ќе биде претседател кој ќе ги преттавува граѓаните и европратениците, кој ќе направи се‘ за да ја врати довербата на граѓаните во обединувањето на Европа.

Europäisches Parlament Präsident Jerzy Buzek Martin Schulz
Честитки од претходникот БузекФотографија: picture-alliance/dpa

Или сите ќе победиме или сите ќе изгубиме

Во време кога Европа пребродува тешка криза, Шулц пред европратениците не криеше дека за првпат од создавањето на Европската унија, нејзиниот неуспех претставува реално сценарио.

Тој го критикуваше носењето на одлуки само од страна на шефовите на држави и влади, што според него претставува враќање на една политичка ситуација во Европа, која е надмината од времето на Виенскиот конгрес.

„Или сите ќе победиме или сите ќе изгубиме“ рече Мартин Шулц, залагајќи се за користење на европскиот заеднички метод на работа и одлучување, што според него „не е технички израз, туку душата на Европската унија“.

Тој бара да се почитува парламентот, бидејќи граѓаните го чувствуваат недостигот на парламентарната легитимност на одлуките од Брисел, кои според Шулц се чувствуваат како диктат, со што Европската унија во целина ја плаќа цената, односно тоа е расадник за антиевропското чувство на граѓаните.

Шулц: Земјите-кандидати за членство во ЕУ да ги почитуваат критериумите од Копенхаген

„Ние бараме од кандидати за членство да ги почитуваат стриктно критериумите од Копенхаген. Нашето Собрание ќе се грижи за спроведување на дело на демократијата, фундаменталните слободи и права, при што истото се подразбира самото по себе си и за земјите членки на ЕУ“, нагласи Мартин Шулц.

Секој кој нема да ги почитува вредностите на Повелбата за фундаментални права треба да очекува да се соочи со тоа во ЕП, давајќи ја како пример идната дебата во ЕП за случувањата во Унгарија.

На крајот од својот говор, Шулц се заложи Европа да биде ставена во ситуација „да се соочи со дваесет и првиот век за таа повторно да стане пожелна за младата генерација, ветување за една силна европска татковина како на економски план, исто така во социјален поглед и на планот на слободата и демократијата“.

EU-Kommissionspräsident Jose Manuel Barroso in Brüssel
Мартин Шулц и Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Европската унија треба да биде „покровител – посредник“ во спорот за името

Ова е една од идеите на сегашниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц, изнесена неодамна од негова страна.

Според него, „Европската унија би требало да игра улога на покровител-посредник во решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција“.

Тој сепак е јасен дека решението за проблемот околу името може да биде пронајдено само преку билатерално приближување меѓу Грција и Македонија под еден вид на покровителство на ЕУ.

Германскиот социјал-демократ и сега претседател на ЕП, дообјаснува зошто тој се залага за вклучување на ЕУ во решавањето на спорот:

„Тоа се разбира е билатерален конфликт меѓу држава-кандидат и држава- членка, но тој проблем се однесува на сите нас. Кога велам сите, мислам на сите држави-членки, но пред се на самата Европска унија. Затоа мислам дека решението на проблемот може да биде пронајдено под еден вид на посредништво на Европската унија. Добро знам дека надлежните во Европската комисија веќе подолго време се мачат да изнајдат средство за да ги намалат тензиите, кои, да бидам искрен постојат“.

Кој е Мартин Шулц

Мартин Шулц е роден на 20-ти декември 1955-та година во Хелрат, мал германски град до холандската и белгиската граница. По завршувањето на гимназијата, тој се одлучува да се занимава со неговата страст – книгата. Во 1982-ра година ја отвора неговата сопствена книжара во Вирселем со која раководи цели дванаесет години.

EU Parlament in Straßburg Flash-Galerie
ЕП во СтразбурФотографија: picture alliance/dpa

Во политиката влегува на возраст од 19 години, кога станува член на Социјал-демократската партија на Германија, На 31 година тој избран за градоначалник на Вирселен, со што тој стана најмлад градоначалник во Северна Рајна Вестфалија, најнаселениот регион во Европа. На оваа функција тој останува 11 години. Според негова изјава, периодот кој го помина како градоначалник го „исковал неговиот ентузијазам за Европа и убедувањето дека сака да помогне во изградбата на европскиот проект“.

Од 1994-та година е член на Европскиот парламент, каде членувал во повеќе парламентарни комисии, меѓу кои и подкомисијата за правата на човекот, граѓанските слободи и внатрешни прашања.

Во 2000-та е избран за претседател на германската делегација во групата на Социјалистите на ЕП и вице претседател на групата.

Во 2004-та година тој е избран за претседател на Групата на Социјалистите и демократите, улога која ја имаше се‘ до неговиот избор за претседател на Европскиот парламент на 17-ти јануари 2012-та година.

Мартин Шулц е женет со архитект за градини и пејсажист, со која имаат две деца. Неговиот центар на интересирањето е читањето, историјата и фудбалот, а признава дека навива за ФК Келн.

Ѕвонче наместо чекан

Првата промена во работата на Европскиот парламент, како негов претседател Шулц ја направи симболично, со замена на чеканот со ѕвонче. Ѕвончето отсега ќе служи да ги повикува европратениците да го почитуваат редот и правилата на Европарламентот.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Ж.Ацеска