1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марија Риш непобедлива во слалом

З. Јордановски / Т. Елмајер12 јануари 2009

Викенд под знакот на извонредни настапи на германските претставници во повеќе зимски спортови. Во центарот на вниманието е 24-годишната алпска скијачка Марија Риш. Подвиг и европска титула за Клаудија Пехштајн.

https://p.dw.com/p/GWZS
Марија РишФотографија: picture-alliance/ dpa

Германската скијачка Марија Риш го освои првото место во трката во слалом од Светскиот скијачки куп, што се одржа на Похорје кај Марибор, оставајќи ги зад себе Катрин Цетел од Австрија и Тања Путиаинен од Финска. Ова беше четврта последовна победа во слалом на Марија Риш и таа е прва германска скијачка на која и’ успеа таков подвиг. „Ни самата не можам да сфатам - четири победи последовно - тоа е навистина неверојатно. Но, во моментов едноставно се’ оди добро, самоуверена сум и имам чувство дека ништо не можам да направам погрешно. Се’ оди како само од себе“, рече Риш по вчерашната победа. Истовремено, таа ја зголеми својата предност како водечка во Светскиот куп.

Инаку, од другите германски претставнички во Марибор, Сузане Риш - сестра на Марија, беше 12-та, Катрин Хелцл го освои 18-тото место, а Фани Хмелар 24-тото место. Сите тие освоија бодови за Светскиот куп.

Биатлон - прва победа во сезоната на Кати Вилхелм

Германскиот зимски центар Оберхоф им беше домаќин на најдобрите светски претставнички во биатлон. Тие вчера се натпреваруваа на патека од 12,5 километри со групен старт и две стрелања. Поздравена од 25 илјади гледачи, Германката Кати Вилхелм, трикратна олимписка победничка, ја забележа првата победа во оваа сезона, вкупно 19-та во кариерата. Зад неа останаа Русинката Олга Медведцева и Швеѓанката Хелена Јонсон. „Сакав да ја решам трката на последната нагорнина, каде што на преминот има една критична точка. Патеката ја познавам од тренинзите и си мислев дека тука мора да се случи“. Кати Вилхелм тесната победа сепак ја извојува во драматичниот финиш.

Kati Wilhelm
Кати ВилхелмФотографија: Picture-Alliance/dpa

Клаудија Пехштајн е спортскиот херој на викендот

Пехштајн по трет пат стана европска првенка во брзо лизгање. Во Херенвен, центар на овој спорт во Холандија, таа го повтори успехот од 1998 и 2006 година. Во последната дисциплина од четирибојот, трката на пет илјади метри, го одбрани водството во дуелот со сонародничката Даниела Аншиц-Томс. Успехот претставува подвиг затоа што го постигна на 36-годишна возраст и Пехштајн е најстара европска првенка во 39-годишната историја на ова натпреварување. „Ова ми е сатисфакција, ми се чини, најмногу во однос на многу медиуми, кои веќе ме отпишаа. Но, јас сум повторно тука“, кратко прокоментира Клаудија Пехштајн.

Claudia Pechstein Eisschnelllauf Welt-Cup in Erfurt für Frauengalerie
Клаудија ПехштајнФотографија: AP

Меѓу успесите на германските претставници од зимските спортови треба да се спомене и победата на светските вицешампиони Томас Флоршиц и Марк Кине во натпреварот во боб-двосед на патеката во Кенигзе. „Се’ се совпадна, севкупното опкружување и поради тоа сме на победничкиот подиум, по втор пат последовно во двете последни трки“, кратко прокоментира Флоршиц.

Тоа беше трка од Светскиот куп. Олимпискиот победник и светски првак Андре Ланге со замената Матеј Јухарт како втор член на екипажот го освои за него разочарувачкото седмо место.

Фудбал - подготовки за наредната сезона

Повеќе тимови вчера одиграа пријателски натпревари во рамките на подготовките за претстојната натпреварувачка сезона. „Баер“ од Леверкузен постигна убав успех во полуфиналето на турнирот во турскиот град Анталија - го совлада тимот на „Галатасарај“ од Истанбул со 3 спрема 1. „Вердер“ на истиот турнир загуби од „Бурсаспор“ со 1 спрема 0. „Баерн“ во Саудиска Арабија го победи тимот на „Ал Џазира“ од Абу Даби со 3 спрема 2 и денеска во Џеда игра против „Ал Веда“. „Штутгарт“ забележа победа над „Ајакс“ од Амстердам со 3 спрема 2. Есенскиот шампион на Бундеслигата „Хофенхајм“ доживеа пораз од 2 спрема 0 на гостувањето кај „Бохум“, „Волфсбург“ дома загуби од второлигашот „Мајнц“ со 3 спрема 2, а „Борусија“ (Дортмунд) од Фрајбург, исто така член на Втората лига, со 2 спрема 1.

Денеска на гала-приредба во Цирих ќе бидат промовирани најдобрите фудбалери на светот во машка и женска конкуренција во официјалниот избор на светската фудбалска асоцијација ФИФА. Најсериозен кандидат е европскиот „фудбалер на годината“ Кристијано Роналдо од „Манчестер Јунајтед“, а конкуренти се и Шпанците Чави и Торес, Аргентинецот Меси, Бразилецот Кака. Во женска конкуренција најдобри изгледи и’ се припишуваат на Бразилката Марта.

Отмар Хицфелд го слави 60-тиот роденден

Еден од најуспешните фудбалски тренери на светот, Отмар Хицфелд, не е од оние што сакаат да бидат во центарот на вниманието, па роденденот денеска го слави некаде на одмор и далеку од медиумите. Освои редица титули, како малку кој друг: како играч - два пати првак на Швајцарија со „Базел“ и два пати победник на купот на таа земја, а беше и голгетер на првенството на Швајцарија; како тренер - две титули првак на Германија со „Борусија“ (Д) и пет со „Баерн“, „зачинети“ со уште три титули победник на германскиот куп. Круна секако се двете титули во Лигата на шампионите: во 1997-ма „Борусија“ стана клупски првак на Европа, кога во финалето во Минхен го совлада „Јувентус“ со 3 спрема 1, иако беше сметана за аутсајдер. „Сите ние сме многу среќни што успеавме. Јуве беше фаворит, но ние постојано верувавме во тоа дека можеме да успееме. Денеска ја имавме и нужната среќа да ги искористиме шансите за гол. Беше неизмерно напнато за нас. Јуве играше многу добро и емоциите ни беа неизмерни“, зборуваше тогаш Отмар Хицфелд. Еден од најубавите моменти за него беше и вториот триумф во Лигата на шампионите на 23 мај 2001 година во Милано, кога „Баерн“ на пенали ја победи „Валенсија“ со 5 спрема 4. Половина година подоцна, Хицфелд со „Баерн“ го освои и Светскиот куп. Кариерата како клупски тренер ја заврши во „Баерн“ лани со освоена „двојна круна“ (првенство и куп на Германија).

Ottmar Hitzfeld beim Champions League Sieg mit Bayern
Отмар Хицфелд со победничкиот пехар од Лигата на шампионите („Баерн“, 2001)Фотографија: AP

Отмар Хицфелд - аналитичар со студена глава, математичар по образование, педагог - студираше додека истовремено играше професионално фудбал. „Секако е предност кога зборуваш пред една група, кога сам ја организираш наставата и можеш да ги примениш педагошките можности што си ги изучил. Јас секако профитирав од тоа што завршив студии за наставник“.

Хицфелд сега е тренар на репрезентацијата на Швајцарија и конечно има малку повеќе време да ужива во животот, да се релаксира од постојаниот стрес на кој беше изложен како клупски тренер.