1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манго - со мода против кризата

Алекса Мајер/Симе Недевски11 март 2013

И покрај економската криза во Шпанија, текстилната компанија од Каталонија - Манго, која е основана во 1984 година, и натаму бележи успеси. Таа во меѓувреме е застапена во 109 земји во светот, со вкупно 2.400 продавници.

https://p.dw.com/p/17rCz
Фотографија: picture-alliance/ZB

Крем-белата и пастелните нијанси - тоа се боите кои за претстојните пролет и лето ги предлага Манго. На модна ревија во Барселона компанијата ја претстави својата најнова колекција. Модната индустрија бележи успех и покрај кризата во Шпанија.

Експанзија во странство е главна цел

Централата на компанијата е надвор од Барселона. Тука дизајнерите ја креираат модата за наредната сезона и прават прототипи, на чија основа моделите се шијат што е можно поевтино во Мароко и во Турција. Како што кажува координаторката на тој дел од работењето Ракел Кампос, во меѓувреме 82 проценти од производите се извезуваат во странство.

[No title]

„Мора да се прилагодуваме на потребите на одделни пазари. На пример, во Германија имаме специјални делови од колекцијата кои одговараат на климата. Тие имаат повеќе волна. Или пак се повеќе од крзно. Така настапуваме на германскиот пазар.“

Главна цел на генералниот директор Енрик Каси е натамошна експанзија во странство. Тој притоа пред се’мисли на Европа и покрај тешката состојба во некои земји. „Германија има околу 80 милиони жители. Ние таму имаме само околу 100 продавници. А би можело да има 500. На тој пазар има голем потенцијал“, вели Каси.

И во криза Шпанците обожуваат шопинг

Но, Манго сака да остане успешен и на шпанскиот пазар, иако многу клиенти тука немаат многу пари. Компанијата од пред 2 години реагирала и ја сменила стратегијата. Нуди повеќе облека за слободно време отколку мода за специјални пригоди. Од неодамна има и машка колекција, а следува и колекција за деца.

Einkaufen am Kurfürstendamm Berlin
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Нашата ценовна политика ја направивме појасна. Цените на облеката ги намаливме за да можат повеќе луѓе да си ја дозволат, а квалитетот остана ист. Така во 2012. година продажбата ни се зголеми за 22 проценти “, вели генералниот директор Енрик Каси.

Многу Шпанци ниту во ова кризно време не сакаат да се откажат од шопингот. Иако Манго не работи толку добро во татковината, сепак, благодарејќи на добриот извоз, оваа модна компанија нема премногу да ја почувствува кризата.