1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малолетничките бракови сѐ уште се склучуваат во Македонија

Кристина Озимец
16 мај 2017

Иако не се честа појава, малолетничките бракови сѐ уште се склучуваат во земјата, особено кај ромската заедница. Дел од причините за тоа се недостатокот од образование, традицијата, сиромаштијата, невработеноста...

https://p.dw.com/p/2d1xi
Roma Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Алмедина од Шуто Оризари има 29 години, но веќе има шест деца и нејзиното седмо дете е на пат. Се омажила на само 16 годишна возраст и таа веќе е во брак дури 12 години. Нејзиното семејство живее сиромашно и едвај врзува крај со крај. Таа е невработена додека нејзиниот сопруг оди по контејнери и собира пластични шишиња и картони, за кои потоа добива малку пари за да ја прехрани фамилијата која станува се поголема. За Дојче веле Алмедина вели дека стапила толку млада во брак бидејќи немала никакво образование и тогаш мислела дека тоа е единствен начин да си замине од дома.

„Не учев, имав учено само до трето оделеение. Бевме млади, го засакав мојот сопруг и на некој начин терав инает иако мајка ми не ме оставаше да се омажам. Да бев со школо немаше толку млада да се земам, ми доаѓа тешко, но сега ќерка ми ја учам да не се мажи толку рано како мене, туку да оди на училиште. Порано беше се скапо и не можевме да одиме на училиште“, раскажува Алмедина.

Таа вели дека во познатата ромска населба „Шутка“, оваа појава се уште се случува и некои млади уште стапуваат рано во брак и имаат деца. „ Јас секогаш им кажувам од моето искуство да не се мажат толку млади, прво да се осамосталат, да имаат некакво образование за себе, а после да се земаат“, вели Алмедина.

Недостатокот од образование е најголем проблем

Искуствата на невладините организации на терен, кои се занимаваат со оваа појава велат дека најчести причини за неа се нискиот степен на образование на родителите, социо-економскиот статус, невработеноста и сиромаштијата, традицијата, како и посебните ритуали и начини на  живеење кои следат некои посебни  карактеристични правила и обичаи.

Несиме Салиоска од организацијата „РОМА СОС – Прилеп“ вели дека детските бракови претставуваат огромна пречка за натамошниот развој на децата, бидејќи директно или индиректно им го одземаат правото на едукација, социјализација, на стекнување економска независност, но и на правилен здравствен развој.

„Тие се еклатантен пример за груба повреда на човековите права, независно дали станува збор за девојчиња или момчиња што стапуваат во брачна или вонбрачна заедница пред да стекнат полнолетство. Меѓугенерациската односно родовата дискриминација при воспитувањето на децата е клучен фактор кој влијае на оваа појава, како и институционалното игнорирање или одобрување на овие случаи под маската на традицијата или во служба на најдобриот интерес за детето“, вели Салиоска за Дојче веле.

Оваа организација бара и измени на Кривичниот законик со кои минималната законска возраст за едно лице да живее во брачна заедница би била 18 наместо 16 години, како и oбезбедување на правни механизми на надлежните институции за постапување кон кривично дело.

Roma Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во моментот во државата нема многу истражувања кои се занимаваат посериозно со оваа проблематика. УНИЦЕФ во 2011 има истражување според кое бројот на млади девојки на возраст од 15-19 години кои стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%. Кај Албанците оваа бројка е 6%, кај Македонците е 2%, додека во ромските населби тој изнесува дури 22%. Бројот на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или биле бремени на национално ниво изнесува 3%, додека во ромските населби тој број е 18%.

Социологот Илија Ацевски вели дека малолетничките бракови пред повеќе децении во традиционалните општества беше почеста појава, кога најчесто се стапувало во брак на 17 и 18 години. „Тогаш на 20 години девојката била стара мома. Со текот на годините традицијата го изгубила значењето но се уште имаме средини каде тоа се случува, особено кај оние со пониско образование. Во глобала, постои една порасната свест дека влегувањето во брак прерано е штетно, па дури истото се гледа и од опкружувањето како нешто кое не е нормално. Се гони и по правна основа, постои јавно мнение кога ќе кажете дека некој на 14 години влегол во брак дека нешто очигледно не е во ред“, вели Ацевски.

Сеопфатно сексуално образование – итна потреба

Николина Николовска која е социјален работник во ХЕРА вели дека на оние кои ќе стапат во брак пред 18 години директно им е одземено правото на безгрижно детство и образование. „Последиците од склучениот малолетнички брак се добро познати - бременост и прерано родителство, последици од сексуално преносливи инфекции, помала конкурентност на пазарот на трудот, прекинување на понатамошното школување а со тоа и поголема економска зависност и сиромаштија. Стапувањето во брак на малолетни лица е тема која во денешниот општествен систем на норми и вредности, начин и стил на живеење претставува тема која во јавноста побудува многу спротивставени сваќања, отпор, омаловажување, неприфаќање и неодобрување“, вели Николовска.

Таа вели дека малолетниците кои се наоѓаат во еден процес на психофизички раст имаат поинакви потреби кон училиштето, другарчињата, игрите и слободното детство, наместо влегување во брак.

„Не се свесни и неможат да разберат во што влегуваат и со какви обврски треба да се сносат понатаму. Свадбата ја доживуваат како забава, игра, неможејќи да увидат што има позади сето тоа. Така растат и живеат според правилата на постарите и кога стануваат доволно зрели да разберат што е тоа брак, овие бракови се распаѓаат и прекинуваат бидејки не се создадени од љубов, потреба и  желба за заеднички живот туку од нечии туѓи интереси. Често во овие бракови децата стапуваат во сексуални односи на возраст кога се уште се во психосексуален развој, неможејќи да ги увидат последиците и доведуваат до малолетничка бременост кога психофизички незрелото тело на малолетната девојката треба да носи дете и се можни бројни комликации“, додава Николовска.

Она што е особено важно за превенирање на оваа појава според неа е раната и навремена психосексуална едукација на младите. Вели дека сексуалното образование треба да биде воведено уште од рана возраст кај децата за да бидат информирани за сексуалноста како појава, сексуалните односи, заштитата и негативните последици кои ги има ако прерано се започне со истите.

„Потребата од сеопфатно сексуално образование е она што несомнено е потребно во секое училиште за овие појави да се минимизираат и да им се овозможи на младите да се едуцираат. Темата сексуалност треба да стане разбирлива и достапна за младите и секако да ги знаат начините како можат да се заштитат од несакана бременост, полово преносливи инфекции и од ХИВ/СИДА.  Младите треба да имаат доволно информации и да бидат едуцирани за истото, со цел самите да направат избор и да знаат како да се заштитат. Она што сметам дека државата може и треба да го направи во однос на оваа проблематика е востоставување на целосна криминализација на малолетничките бракови односно да не се дозволува да се склучува брак помеѓу малолетни лица и помеѓу полнолетни лице и малолетно лице“, вели Николовска.

Државниот завод за статистика за периодот од 2011-та до 2015-та година забележува тенденција на намалување на бројот на склучени формални бракови помеѓу лица под 20 години, и оваа бројка постепено се намалува од 236 во 2011-та, до 156 бракови во 2015та година.