1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малешевци во туристичка треска

4 септември 2011

Во регионот на Малешевијта има повеќе пензионери од вработени, но затоа многу природни раритети привлечни за странците. Токму затоа во туризмот се гледа можност за економски просперитет.

https://p.dw.com/p/12SnG
БеровоФотографија: Petar Stojanovski

Братот и сестрата Бетински, по 4 децении поминати во Чикаго, се враќаат во родното Берово со инвестиција во  хотел  на месноста Кукута, во близината на нивниот семеен имот. Александра и Дамјан  велат дека од ова место ги чуваат спомените од Малешевијата.

„Детските спомени се најсилни, како дете сум бил тука и тоа иницираше...сега одлучив да се вратиме тука, ако сме заработиле нешто тука да потрошиме, да пренесиме искуства“, вели Дамјан Бетински, иселеник.

„Приврзани сме кон Берово и горди сме што сме Беровчани“, вели неговата сестра Александра Бетинска.

Беровско езеро- вистинско градилиште

Освен иселениците Бетински и самите беровчани иднината ја гледаат во туризмот. Во регионот каде има повеќе пензионери од вработени ( 3300 пензионери наспроти 3000 вработени), а невработени има најмногу околу 4000, малашевци  ги зафати туристичка треска. Се инвестира во туристички капацитети, а населбата кај Беровското езеро стана вистинско градилиште. И Александар Лазаревски на имотот покрај езерото врши адаптација на објектот за да може да сместува туристи, а со тоа да го подобри семејниот буџет, а земјоделецот Владо Панговски  го стави своето бачило на месноста Клепало на  1400 метри надморска висина, во функција на алтернативниот туризам.

Berovo, Mazedonien
БеровоФотографија: Petar Stojanovski

„Планираме да направиме отворен ресторан за да се хранат туристите“, вели Александар Лазаревски.

„ Па доаѓаат од секаде, од цел свет и по 50 гости на еден ден, им даваме природна храна, баници, се’ еколошки чисто“, вели Владо Панговски.

Туризмот- нова перспектива

Во семејството Панговски никој не е вработен, сите се ангажирани на бачилото, тие сфатиле дека алтернативниот туризам може да донесе и добра заработувачка. Со природните раритети што ги има, здравата и чиста средина, питомите Малешевски планини, но и традицијата која љубоморно ја чуваат со генерации, Малешевијата стана примамлива за туристите кои бегајќи од глобалниот тренд на урбанизација и висока технологија се враќаат назад во природата за да го осетат исконското во неа. Холанѓани, Американци, Израелци, гости од соседството- сите дошле да ја почувствуваат Малешевијата. Тоа дава шанса за развој на туризамот нудејќи  нова перспектива на заборавениот регион, во кој нема ниту еден стартешки капацитет, ниту аеродроми, железница, ниту автопати.

Поттикнување на инвестициите во туризмот

Општината која освен природните раритети нема друга шанса за економски прогрес, со нула денари за комуналии за  изградба на туристички капацитети  лови  инвеститори.

„За сите инвеститори кои ќе градат туристички објекти, сите се ослободени од комуналии. Нула денари, во индустриската зона , нема плаќање на комуналии, во старт, инвеститорите без трошоци, тоа е и за странски и домашни туристи“,  вели градоначалникот на Берово Драги Наџински.

Берово  веќе има  три хотели, 4-иот во Пехчево е во изградба,  располага со 50-тина приватни вили кои се издаваат на туристи.  Најавите за отворање на рудник за бакар во Пехчево,  турската инвестиција во фабриката за селотејп „Белема“ , дава скромна надеж  за жителите дека Малешевијата ќе им даде шанса на нивните деца да останат во родниот крај.

Автор: Даниела Такева - Канал 77

Редактор: Симе Недевски