1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мала застапеност на Балканот на Берлиналето

Силвера Падори4 февруари 2009

Со „Интернационал“, последното остварување на германскиот режисер Том Тиквер, утре стартува 59. Берлински филмски фестивал. Што ќе и‘ понуди Берлиналето на публиката и колку на неговата програма е застапен Балканот?

https://p.dw.com/p/GjPY
Се во престолнината е во знакот на ФестивалотФотографија: AP

Берлиналето ги следи светските трендови. Глобализацијата и нејзиното влијание врз живеењето е заедничкиот именител на филмските остварувања во сите категории, што ги понудија продукциите од 60 држави. Меѓу нив, ја нема Македонија. Земјата сепак ја претставуваат две копродукции на европскиот филмски пазар. И тоа „Плати и жени” на Атанас Георгиев и „Созерцание” на Иво Трајков.

Соработка постои

И останатите држави од поранешна Југославија не се кој знае колку присутни. Зарем фестивалот нема интерес за филмските остварувања од регионот?

Deutschland Berlin Berlinale Direktor Dieter Kosslick
Дитер Кослик, првиот човек на БерлиналетоФотографија: picture-alliance/ ZB

"

Случајно во главната конкуренција нема филм од Балканот Инаку, ние имаме добри односи со тамошните филмаџии. На пример, тесно соработуваме со Сараевскиот фестивал и тоа се гледа во рамките на секцијата „Талент кампус“, вели првиот човек на Берлиналето Дитер Кослик, имајќи го предвид учеството на босанската режисерка Јасмина Жбаниќ, инаку добитничка на „Златната мечка“ за филмот “Грбавица” кој за потсетување имаше силна политичка димензија. Според Кослик, Балканот е впечатливо присутен во една германско-данско-холандска копродукција, која во главната селекција ќе атакува на фестивалските одличја.

„’Бура’ на режисерот Ханс Кристијан Шмит е сторија за Судот за воени злосторства во Хаг. Една неверојатно раскажана приказна за Трибуналот, за праведноста, за политиката. Тоа е политички филм, онаков каков што треба да биде. Многу луѓе, на пример, не знаат дека годинава завршува мандатот на Трибуналот. Не мислам дека проблемите се решени и тоа во овој филм многу добро може тоа да се види” , дополнува Кослик.

Најприсутна Босна и Херцеговина

Од поранешните југословенски републики на фестивалот најмногу има остварувања од Босна и Херцеговина. Во секцијата „Генерација” ќе биде прикажан филмот „Снег” на Аида Бегиќ, копродукција со Франција, Германија и Иран. „Чуден сараевски фестивал 2008” на Маса Хиолцинис и Чазим Дервишевиќ е во рамките на пред-филмови од селекцијата „Панорама“. Во оваа категорија е и американско-хрватската продукција “Бела светлина” на Доминик Марфи.

Die bosnische Regisseurin Jasmila Zbanic hält den Goldenen Bären für Gravica in den Händen
Босанската режисерка Јасмила Жбањиќ во 2006 година ја освои „Златната мечка“ за филмот „Грбавица“Фотографија: AP

На програмата „Ретроспектива“, којашто годинава е посветена на 0 милиметарскиот филм, се монументални остварувања како „Војна и мир” на Сергеј Бондарчук, „Рајановата ќерка” на Дејвид Лин, копродукцијата на ДДР и СССР од 1969-тата- „Гоја” на Конрад Волф каде настапува Оливера Катарина, југословенска актерка добро позната за постарите генерации.

Како и секоја година, така и оваа има филмови за сечиј вкус. Но, впечаток е дека и во документарната понуда на Берлиналето доминира политика, и тоа онаа најактуелната.

„ ’Писма за претседателот’ е филм од канадска продукција. Претседателот е ирански и филмот е документација за пропагандната машинерија во Иран. Во него претседателот е прикажан како човек близок со народот. Де факто сето тоа е манипулација. Филмот е демонтажа на политиката на пропаганда”, аргументира и Кристоф Тереште одговорен за секцијата „Форум”.