1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се дел од германското општество

Силвера Падори13 јули 2007

Македонците кои живеат во Берлин, повеќе или помалку се чувствуваат интегрирани во германското оштеството. Познавањето на германскиот јазик за сите е основен предуслов за нормално живеење. Искуствата се различни...

https://p.dw.com/p/BFUW
Германскиот јазик предуслов за вклопување во општествотоФотографија: ZB - Fotoreport

Македонскиот човек се прилагодува на средината каде живее.Ова го потврдуваат гурбетчиите кои пред повеќе децении заминaле и останале во Америка и Австралија, оние кои пред четвртвек пристигнале во Германија, но и младите Македонци кои последниве години се во потрага по подобар живот ширум Европа.

"

Ние Македонците можеме многу лесно да се интегрираме. И сме интегрирани! И со јазикот и малку со германската култура.” - кажува Слободанка Ковачки која веќе две децении живее во Берлин. Нејзиното мислење го делат повеќемина од првата генерација гастербајтери, но и оние кои пристигнаа подоцна меѓу кои е и Душко Лазаревски:

“Некои се можеби интегрирани, некои не, ама доста Македонци кои се дојдени од поранешните времиња се дојдени да работат. Мислеле дека ќе се вратат дома. Но, тоа не им успеало, останале тука...“”

Не секогаш прифатени

Оние, кои се тука родени морале од почеток да го изодат, честопати, трновитиот пат на интеграцијата. Искуствата се различни. Некои се избориле и целосно се прифатени од средината. Други распнати меѓу татковината на родителите и новата средина се чувствуваат изгубено и вечно ќе го носат комплексот на странец. Марио Личнов по потекло од Штип е роден, пораснал и се образовал во Берлин. " Ние Македонците мора да прифатиме. Ние се прифаќаме! А другите ништо не прифаќаат. Нас, македонскиот народ лесно не не прифаќаат, како ние што ги прифаќаме другите”. Го кажува своето искуство Марио кој подвлекува дека цел живот бил ориентиран кон животот на германското општество. Растел со маалските деца. Имал другарчиња во училиште и градинка. Но, никогаш не отишол на гости кај некое германско другарче!

Сашо Ристовски, градежен инженер од Кочани патувал низ Европа и пред една година се оженил за Македонка од Берлин. Според него Македонците се интегрирани во германското општество, “ама Германците не се”. Македонците се дружат меѓу себе.Мора да го научат јазикот за да најдат работа .Сашо познава многу фамилии кои се и по триесет години во Германија, а се немаат спријателено со ниту едно германско семејство. Вели дека живеел само една година во Лондон и стекнал многу пријатели. Но, тука е поинаку зашто спопред него Германците не се дружељубиви луѓе!

Јазикот мора да се знае

Јазикот е основа за комуникација и затоа Сашо ги одобрува барањата за познавање на германскиот јазик кои деновиве се толку актуелни. Пред една година кога пристигнал во Берлин не го знаел германскиот јазик. Според законската регулатива го посетувал задолжителен курс од 630 часа. Би сакал курсот да трае и повеќе за да може подобро да го научи германскиот јазик. Марио пак и покрај тоа што многу не се дружел со германските деца, пораснал тука и за него не е проблем јазикот, кој е основен услов за интегрирање. Вели дека почнал да го учи јазикот во градинка, па после на училиште.Германскиот јазик на Марио му е како мајчин јазик иако со неговите дома нормално говори македонски!

Кога е во прашање познавањето на германскиот јазик, порано било поинаку! Биле други времиња. Пред Македонците од првата генерација кои пристигнале во Германија немало толку барања. Слободанка која тука во Берлин првпат имала контакт со германскиот јазик и посетувала курсеви сега кажува:

“Денес е постегнато, построго. Германците се повоздражани.За германскиот јазик мислам дека е малку претерано се што се бара. Тестовите не сум ги видела, но сум чула дека има прашања чии одговори не сум сигурна дека ги знаат и Германците”.