1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците наскоро само со лична карта во Црна Гора

16 март 2012

Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Црна Гора, Гордана Јанкулоска и Иван Брајовиќ, потпишаа повеќе договори за заедничка соработка.

https://p.dw.com/p/14Leq
Фотографија: DW

Македонија и Црна Гора се две пријателски држави кои немаат отворени прашања, а имаат многу заеднички интереси посебно кога станува збор за заедничката борба против корупцијата и криминалот, нагласи министерката Јанкулоска. Со Договорот за полициска соработка, подвлече Јанкулоска, ќе се овозможи поголема ефикасност при заедничките полициски операции и размената на информации кои се суштински за да бидеме успешни во борбата против криминалот.

Од големо значење, истакнаа Јанкулоска и Брајовиќ денеска, се и потпишаните договори за соработка за време на туристичката сезона, за враќање на лица со незаконит престој и Протоколот за реадмисија.

Официјализирање на желбата за искоренување на криминалот

Според црногорскиот министер Брајовиќ, со потпишување на договорите дополнително се потврдува досегашната исклучително добра соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи.

Innenministerium Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

„Договорот за полициска соработка е важен затоа што ја официјализира желбата за искоренување на сите видови криминал“, рече Брајовиќ, и додаде оти оваа конференција што се одржува во Скопје покажува дека досега е направено многу, меѓу другото во насока на осовременување и контрола на граничните премини.

Олеснето патување на граѓаните

Македонскиот и црногорскиот министер за внатрешни работи, Јанкулоска и Брајовиќ, најавија дека во тек е подготовката на законот за патување во двете држави со лична карта и најверојатно веќе од оваа туристичка сезона македонските и црногорските граѓани ќе можат да ги поминуваат границите со лични карти.

Декларација за граничната безбедност

Инаку, во хотелот „Александар Палас“денеска продолжува деветата Годишна министерска конференција за соработка на полето на граничната безбедност во Југоисточна Европа. Најавено е потпишување министерска декларација за соработка на полето на граничната безбедност 2012 година.

На дводневниот собир во Скопје учествуваат министрите за внатрешни работи на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и заменици-министри и високи функционери во МВР на Молдавија, Романија, Албанија, Чешка, претставници на ЕК, Еуропол, Фронтекс, челните луѓе на ДЦАФ, но и претставници на дипломатскиот кор во земјата од повеќе земји на ЕУ и од САД.

Автор: ЖА/СН/ миа

Редактор: Симе Недевски