1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонско тутунарче на германска телевизија

22 ноември 2009

Деновиве на германската 3 САТ телевизија беше премиерно прикажан документарецот „Табако медхен” или „Тутунарче” на Билјана Гарванлиева, македонска режисерка која живее во Берлин.

https://p.dw.com/p/Kb1b
Девојчето од село Коџалија, актер на приказната за еманципацијата на Јуруците во МакедонијаФотографија: Susanne Schüle

Преку јасните слики на тутунските полиња во Радовишко, прекрасните лица на девојчињата во традиционалните цветни јуручки облеки и музиката на „Љубојна” Билјана Гарванлиева среде Германија успеа да пренесе дел од неоткриената и непознатата Македонија.

Сцени од животот

Идеите, Гарванлиева вели, ги бара како што рударите си ја копаат рудата...Ова е уште еден нејзин филм што го снимаше минатото лето, но кој зачнал уште во времето кога го работеше „Девојчето со хармоника”. На улица во една продавница за бела техника видела една јуручка фамилија која купувала фрижидер. Видената сцената и контрастите меѓу селото и градот, пред очите и‘ светнале како вистински филмски кадар. Се заинтересирала кои се тие луѓе кои живеат тука, кои се нејзини соседи, а никогаш не ги запознала. Со препорака на пријатели отишла во селото Коџалија, каде ја пречекал токму таткото на главната актерка во филмот. И приказната во документарецот е сплетена токму околу 14 годишното девојче, кое со семејството живее од производството на тутун во јуручкото село Коџалија. Таа е цврсто љубопитно девојче кое го живее традиционалното секојдневие во кое родителите го имаат поледниот збор. Но, копнее по нешто повеќе.Сака да се образува во големиот град, кој првпат го посети со татка си кога купуваа шпорет на дрва. Сака да биде првата учителка по турски јазик во нејзиното село. Не прифаќа да се омажи за оној кој ќе го одбере семејството и за неа ќе плати 3.000 евра. Нејзината тајна е Елмаз со кого подоко се погледнува.

Еманципација и смелост

„Тој момент на женска еманципацијна во јуручкото село беше голема мотивација да го направам филмот. Помогнавме Мумина да не се откаже во својата цел туку да оди понатаму. Јуручка традиција е девојчињата да бидат продадени на нивните идни сопрузи. Тоа е гаранција дека момата е чесна и дека вреди и таа традиција до ден-денешен се почитува. Но нашата Мумине се бунтува и не сака да биде продадена туку да се омажи од љубов, и знае што сака во животот”, кажува Билјана Гарванлиева, која во филмот мошне директно ги претставува контрастите. Од питомите тутунски предели и средбите на младите сред село, до големиот град Скопје каде главната актерка со својата другарка и сестра првпат се вози на ескалатор и пазари. На крајот Мумина во секојдневна облека како нормално 15 годишно девојче, прашано дали нејзината цена за мажачка е 2.000 евра, смело кажува дека ќе учи гимназија и дека нејзината цена е 10.000 евра, со што автоматски дава до знаење дека не е стока за продажба...

Biljana Garvanlieva
По „Девојчето со хармоника“, Билјана Гарванлиева режира уште еден документарец чија тема се македонските децаФотографија: Jotik

Документарецот што го создаде истата екипа како и „Девојчето со хармоника” - режисер Билјана Гарванлиева, камера Сузане Шиле, монтажа Андре Нир, премиерно на 3 САТ телевизијата го видоа над 200.000 гледачи. Допрва ќе ја има и фестивалската презентација, но неизвесно е дали воопшто ќе пристигне и пред македонската публика, зашто, тажно кажува Гарванлиева: „интересирање од Македонија нема!“

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска