1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонско-бугарски економски проект

26 ноември 2011

Со прекуграничен проект, Македонија и Бугарија ќе им помагаат на малите и средни претпријатија меѓусебно да соработуваат и развиваат бизнис. Проектот ќе се финансира со европски пари, но и од буџетите на општините.

https://p.dw.com/p/13EBT
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Носители на проектот се Центарот за развој на Источно-планскиот регион од Македонија и Бизнис центарот од Сандански, Бугарија. Интересот меѓу фирмите е голем, што се покажа и на првата контакт средба што се одржа во Штип.

Издавање на прекуграничен Бизнис каталог на малите и средни претпријатија во прекуграничниот регион, како и создавање на заедничка веб-платформа за маркетинг и бизнис промовирање, треба да биде крајната цел на проектот што заеднички почнаа да го реализираат Источно-планскиот регион и Благоевградскиот регион од Бугарија. За реализирање на проектот 100.000 евра се обезбедени од европските фондови, како и од локалните власти од споменатите региони.

Mazedonien Land und Leute Textilfabrik in Stip
Се очекува успешна соработка во сферата на текстилната индустријаФотографија: Petr Stojanovski

Целта на овој проект е да им се помогне на малите и средни претпијатија кои што и најмногу имаат проблеми со воспоставувањето на меѓусебни контакти и бизнис релации, вели Драгица Здравева, раководител на центарот за развој на Источно-планскиот регион.

„Фирмите се доста заинтересирани и од наша и од бугарска страна. Се работи за микро, мали и средни претпријатија, на кои што најмногу им е потреба помош. Со спроведувањето на активностите предвидени во самиот проект, ќе следува и изработка на еден бизнис каталог, во кој ќе бидат вклучени и проучени голем број на фирми од двата региони.“

Да се канализира досега стихијната соработка

Носител на проектот од Бугарија е Бизнис информациско-консултативното биро од Сандански. „Од овој проект очекуваме размена на искуства и создавање на една солидна и полна со информации мрежа за сите мали и средни претпријатија од двата региона. Тоа ќе биде основа за нивен натамошен контакт и соработка“, вели Живко Иванов, претставник од Бизнис центарот од Сандански:

„Крајниот ефект е да се создаде основа во која бизнис организациите, локалните власти и фирмите можат да соработуваат со помош на таа партнерска мрежа што треба да се формира. Досега оваа соработка беше стихијна“, нагласува Иванов.

Blagoevgrad, Stadt in Bulgarien
Благоевград - има многу заинтересирани фирми за соработкаФотографија: SWU Neofit Rilski

Бизнисмените од двата региона се доста заинтересирани за соработка. Доказ за тоа беше и големиот број фирми, чии што представници дојдоа во Штип на првата контакт средба. Крум Тренков е од Сандански. Работи во областа на текстилството. Бидејќи и Штип е град на текстилната индустрија, очекува дека проектот ќе резултира со успешна соработка.

„Најдобро е да направиме контакти и да испитаме каков развој има тука и во останатите градови во регионот. Ако има добра бизнис подлога, можеме да направиме и подобра комуникација и подобра бизнис соработка“, изјави Тренков.

И Емил Клинчарски беше меѓу присутните на средбата во Штип, одржана на почетокот на месецов. Тој е сопственик на фирмата ,,Омега Л.Д“:

„Јас сум претставник од областа на технологијата, електрониката. Во тој дел, ако има некои допирни точки, ќе се потрудам да воспоставам врски и остварам поширока комуникација.“

Проектот ,,Прекугранично вмрежување за одржлив развој“ ќе трае една година. До реализирањето на крајните цели предвидени се и бројни активности, како што се серија работилници и семинари, како и уште една средба на претставниците на малите и средни претпријатија од двата региона, но во Сандански, Република Бугарија.

Автор: Весна Крстева

Редактор: Симе Недевски