1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски стручњаци во Германија има, и ќе ги има уште повеќе

Силвера Падори-Кленке9 јули 2012

Од првиот бран гастербајтери кои стасаа во Германија, до денес многу работи се сменети. Место нискоквалификувани тука се’ почесто доаѓаат луѓе со дипломи, меѓу кои има и Македонци, иако никој не го знае нивниот број?

https://p.dw.com/p/15Rka
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Доселеникот од последнава деценија е значително помлад од тукашното просечно население. По правило е висококвалификуван и на пазарот на трудот се вклопува онаму каде во Германија има тесни грла, а  тоа се МИНТ професиите (математика, информатика, природни науки и техника) и медицината“, го кажува за Дојче веле новиот профил на доселеник др. Михаел Хитер, директор на Институтот на германската економија од Келн.
Податоците велат дека од 1999 до 2009 година  во Германија се доселиле 185.000 лица од МИНТ професиите и 42.000 медицинари. Дека меѓу нив има и Македонци е неспорно. Колкумина, меѓутоа, точно не знае ни др. Видо Гајс, изготвувач на Студијата од Институтот за германската еконономија. Вели,  за Македонија не може да се дадат диференцирани податоци, зашто во Германија има само 67.000 Македонци, бројка,  која и за статистички вреднувања е многу мала.#
Во Амбасадата на Република Македонија на списокот на т.н. „научна дијаспора“ се евидентирани само десеттина лица, зашто оние кои доаѓаат на работа во Германија немаат обврска да се пријават во диполоматските претставништва. А, специјалисти од Македонија во Германија има, а ќе ги има уште повеќе, по 1 август, кога стартува „сината карта“.

Подобро и од замисленото

За ДВ своето искуство во доселувањето во Германија го кажуваат Андреј Кралев кој е на специјализација на Клиниката за кардиохирургија во Нирнберг и Филип Јовески, инженер кој работи во „Корнин кебл систем“ во Берлин. Нивните професионални патишта до Германија се сосема  различни.Кралев запишал  и завршил медицина во Скопје како најдобар студент со просек чиста „десетка“. Јовески, пак, по гимназиското искуство во САД, студирал и дипломирал на Техничкиот Универзитет Берлин.  
Прво работно место на Кралев е ова германското. Уште на почетокот знаел дека сака да специјализира кардиохирургија во Германија. Аплицирал на повеќе клиники и добил позитивни одговори, но најдобри услови понудил Нирнберг.
„Во Македонија човек си замислува колку е подобро во ЕУ и во Германија. Но, кога ќе дојде тука ќе се  увери дека е така и дека е уште подобро од замисленото“,  кажува Кралев. Затоа и прифатил, зашто добил работа и специјализација, „со сите нишани како нивен граѓанин.“ За една година го научил и германскиот јазик и е задоволен од професионалниот третман што го има во Нирнберг.
Филип Јовески, пак, по дипломирањето на Техничкиот универзитет во Берлин првото работно место го имал во Штутгарт, каде има повеќе места за инженери-почетници. Бил ангажиран во германска и јапонска фирма, а сега е во бизнисот за оптички телекомуникации и се занимава со апликациски инженеринг.
„Германија има потреба од инженерска, техничка работна сила, и повеќе се цени знаењето отколку одкаде некој доаѓа, потеклото“, е искуството на Филип Јовески. Тој е дециден дека секој еден од Македонија кој сонува за работа во Германија треба и да се обиде да ја најде. А, работниот договор и познавањето на германскиот јазик се две нешта кои го олесуваат доселувањето и ги скусуваат бирократските лавиринти!

Filip Joveski Ingenieur in Berlin
Секо треба да се обиде на германската работна берза! Филип ЈовескиФотографија: privat
Andrej Kralev Assistenzarzt Nürnberg
Клиниката за кардиохирургија прво работно место на Андреј КралевФотографија: privat