1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски „поход“ на Берлиналето

16 февруари 2011

За македонскиот филм, годинашново Берлинале ќе биде запаметено. Првпат едновремено има македонски филм во категоријата „Панорама“, актер во главната конкуренција, две предпремиери на Европскиот маркет и „шутинг стар“.

https://p.dw.com/p/R1Mk
Наташа Петровиќ, македонската надеж со европско одличје „Бабелсберг“Фотографија: DW

Ако стартот на Берлиналето му припадна на вестернот, во средината и крајот на филмскиот празник во престолнината, има радост и за луѓето од Македонија. Особено на оние кои живеат во Берлин и кои вечерва ќе имаат можност да го видат „Мајки” на Милчо Манчевски.

„Фактот што веќе беше прикажан во Торонто, мислев неофицијално ќе го дисквалификува филмот од покана за Берлиналето. Но, испадна дека селекторот многу го бендиса па го покани, што ми е многу мило. И тоа најпрво што Берлин е еден од трите најголеми и најважни светски фестивали. И второ, што филмот е во ’Панорама’ која е фокусирана на авторот, на авторискиот филм, а не на комерцијалата, на лимонадите, на маркетингот, туку баш на уметноста, иновацијата и истражувањето", изјави Милчо Манчевски за македонската програма на Дојче веле.

Berlinale 2011 Milco Mancevski
„Мајки“ е селектиран во „Панорамата“ каде фокусот е авторскиот филм. Режисерот Милчо МанчевскиФотографија: DW

Два нови македонски филма на Европскиот маркет

Инаку интересирањето за филмот е големо и влезниците за вечерашнава прва проекција беа распродадени уште во неделата.

Во вторникот, Македонскиот филмски фонд на Европскиот маркет претстави две најнови македонски продукции кои допрва ќе ги имаат премиерите во Скопје - „Ова не е американски филм” на Сашо Павловски и „Панкот не е мртов” на Владимир Блажевски.

„Единственоста на филмот е што е снимен во Македонија. Има многу американски квалитети и многу се разлкува од другите филмови кои досега доаѓаа од Балканот и кои се фокусираа на тешки балкански теми - војните, национализмите... Тука има многу хумор, Направен е така што секој може да го разбере", ни изјави агентот за продажба Пако Алварез од Форуард моушн енертејмент од Торонто, кој најави засилена маткетинг кампања со нови плакати и интернет промоција.

Иако „Панкот не е мртов” на Блажевски се’ уште нема стратегија за продажба, изобилството со хумор предизвика големо внимание и ја наполни салата со заинтересираната публика на Маркетот.

Кога е во прашање публиката, таа несомнено беше освоена од македонската млада актерка Наташа Петровиќ која беше една од десетте европски „шутинг старс”. Во понеделникот и‘ беше доделено „Бабелсберг” одличјето кое многу потсетува на Оскарите, особено што церемонијата беше придружувана со многу гламур пред публиката на Палатата на Берлиналето. Претходно, на прес-конференција беа претставени десетте годинашни надежи, а Петровиќ не ја криеше радоста што е меѓу одбраните и пред микрофонот забележа дека драго и‘ е што имала прилика да види како функционира овој поинаков свет и што запознала многу млади кои беа дел од манифестацијата „Шутинг Старс”. Во текот на викендот Петровиќ се сретнала со важни луѓе од светот на филмот и се надева на понуда за работа надвор од Македонија.

Deutschland Film Kultur Berlinale Erste Fans warten auf Berlinale-Tickets Programm
Фотографија: dapd

Микс на политиката и интимата

Инаку во изминативе фестивалски денови беа прикажани десет филмови од главната селекција кои се во битката по Златната и Сребрените мечки.

Критичарите најдобри оценки засега му даваат на „Повикот на Маргин”, сторијата за меѓународната криза во 2008 година на Џеј Си Чендор со Кевин Спејси, Зереми Ајронс и Деми Мур. За влакно не е полоша ниту иранската семејна драма за разделбата на Надер и Симин на режисерот Азгар Фархади. Еден од најмрачните, но со убава фотографија, е автобиографскиот филм за воената хунта во Аргентина - „Награда” на Паула Маркович. Исто толку болен, но поинаку раскажан е рускиот „Невина сабота” на Александар Миндаѕе кој се осврна на автентична приказна за Чернобил, за што германскиот продуцент Матиас Еше подвлекува:

Flash-Galerie Berlin Berlinale 2011
Со часови во редици се чека за кино-влезници...Фотографија: DW

„Ние веруваме дека тоа е многу политички филм иако така не делува. И тоа од два аспекта. Најпрво говори за затскривањето на вистината. И второ покажува дека техничките ризици се несовладливи. Ако се има предвид продолжувањето на векот на атомските централи во Германија, темата е топ-актуелна и ова е многу важен филм".

В петок, на последниот натпреварувачки ден, се прикажува и „Крвта што простува” каде игра Рефет Абази. Златната и Сребрените мечки ќе бидат доделени на саботната гала свеченост.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска