1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските политичарки во сенка на мажите

12 мај 2011

Македонија се наоѓа на високото 19-то место во светот, според бројот на жени во парламентот, а прва е на Балканот. Ова го покажуваат статистиките на Меѓународниот парламентарен сојуз, но не е се’ така розово

https://p.dw.com/p/11E4f
Фотографија: Petr Stojanovski

Дали од ова може да се извлече позитивна слика за македонската демократија во областа на почитувањето на половите права и рамноправноста? Значат ли тие бројки дека жените и навистина се позиционирани високо во политичкиот живот на оваа земја?

Савка Тодорова, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност на Македонија, истакнува:

„На првиот и вториот парламентарен избор во 1991 и 1994 година имаше 4, односно 5 жени, што претставуваше 3 проценти. Со активното учество на Националниот совет за родова рамноправност и локалните организации на ’женското движење’, со измени и дополни на изборниот законик на трипати денес во Парламентот имаме 30 проценти жени.“

Но, во врска со активностите на пратеничките таа е категорична:

„Тие треба да имаат поголемо чувство за потребата да се работи, да бидат активни на планот на родовата застапеност и родовите права во Парламентот. Тие треба да знаат да ги користат алатките и механизмите за јакнењето на политичката позиција на жената внатре во нивните партии. Да бидат колку е можно ’повидливи’ на теренот.“

Mazedonien Natasa Janevska
Наташа ЈаневскаФотографија: DW

Разбивање на табуата

Наташа Јаневска од Тетово, досегашна пратеничка од ВМРО ДПМНЕ во 6-тата изборна единица, вели:

„Ние имаме жени-министерки и на многу ’силни’ министерства, како што е она за внатрешни работи. Имаме жени како заменички-министерки, државни секретари во министерствата, директорки на големи агенции и на големи фондови, што беше табу-тема досега.“

Слободанка Марковска, професорка по родови студии на Државниот универзитет во Скопје, забележува:

„Потребно е да се менува начинот на работа на жените-пратенички. Тие треба да внесат нов квалитет: не да настапуваат само од позициите на своите партии, туку понекогаш и да ги надраснуваат тие позиции, заради подобрување на положбата на жените. Затоа што, тие се на таа позиција каде што можат да донесуваат одлуки.“

Јаневска искажува ваков став:„Порано се внимаваше само да се исполни квотата за формална застапеност на жената. Меѓутоа, како што одминува времето, таа се наметнува се повеќе и станува одлучувачки фактор. Во Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ има жени, кои што навистина одлучуваат и донесуваат навистина квалитативни одлуки, што се прифатени од претседателот. Морам да споменам уште два факта од последниот парламентарен состав: од 53 пратеници на нашата партија 23 беа жени, а координаторот на пратеничката група беше жена.“

Жените од кандидатските листи се менуваат со мажи

Mazedonien Dzane Kresova
Џане КрешоваФотографија: DW

Пред фазата на кандидирање Форумот на албанската жена од Тетово јавно побара од политичките партии гаранции дека жените ќе бидат навистина наредени на добитни места погоре на кандидатските листи. Притоа, Џане Крешова, претседателката на овој Форум предупредува на една појава од поранешните избори, иако таа не е толку честа:

„На кандидатските листи, иако биле ставани жени на повисоките места, сепак, се случувало отпосле да ги снема оттаму. Од здравствени, или други причини да ’исчезнат’ од кандидатските листи, па потоа да бидат заменети со мажи. Тоа не е фер, не е во ред така да се постапува и затоа настојуваме таквата појава да не се повтори и за време на овие парламентарни избори.“

Професорката Марковска конкретизира:

„Не се сеќавам дека пратеничките настапиле во Собранието на РМ со цел да актуелизираат некој важен проблем каде што жените се дискриминирани. Законот за трето дете, за четврто дете, го изгласаа токму пратеничките, не се спротивставија жестоко како што требаше, бидејќи тој закон не враќа назад.“

Крешова се надоврзува:„Во парламентот има и жени, кои не заслужуваат да го имаат тоа место. Нив ги избираат политичките партии да бидат послушни, да работат во интерес на самата партија, како некакви партиски војници, бидувајќи само декор, на некој начин.“

Несомнено, жените со својата креативност и суптилност, но и едуцираност, би требало да заземаат позначајни и поактивни улоги во надминувањето на напластените проблеми со кои се соочува Македонија. И да излезат од „политичката сенка“ на мажите.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски