1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонскиот јазик не може да се оспорува“

25 август 2009

Во Лешок се одржува 38-ма Меѓународна средба на книжевните преведувачи. На симпозиум во манастирот „Св. Атанасиј“ учестуваат преведувачи од Аргентина, Русија, Салвадор, Франција, Бугарија, Македонија и други земји.

https://p.dw.com/p/JHfT
Фотографија: RWTH Aachen/Gero Herkenrath

„Книжевните преведувачи оставаат бележити траги во летописот на светската книжевност со својата улога на доближувачи на културните вредности на народите. Како што сите јазици имаат свои културолошки вредности, така и македонскиот јазик ја има таквата своја вредност и затоа се неприфатливи неговото оспорување и оспорувањето на културниот идентитет на самиот македонски народ“ – ова се дел од пораките од отворената 38-ма меѓународна средба на книжевните преведувачи во манастирот „Св. Атанасиј“ во тетовското село Лешок.

„Како да се оспорува јазик кој суштествува со цела литература, напишана на него?“

Сергеј Главјук, книжевен преведувач од Русија со став: „Македонскиот јазик суштествува, на него е напишана цела една литература и затоа тој не може да се оспорува.“

На годинашната средба се одбележува 80-годишнината од раѓањето на истакнатите поети Гане Тодоровски и Матеја Матевски. Гане Тодоровски за Дојче Веле изјави: „Не е прифатлив каков било пазарлак со името, за негова промена. Јас сум за тоа да се викаме како што се нарекуваме ние самите, да ни‘ го почитуваат тоа право. Никој нема право да ни‘ одредува име, да не‘ прекрстува. Никој не смее да ни‘ го одземе името, ниту да го варира во какви сакаат тие комбинации. Јас сум против додавката Северна Македонија. Јас сум само за Република Македонија, со можност во заграда да стои Скопје, бидејќи е тоа името на нашиот главен град.“

Deutschland Verlag Kiepenheuer & Witsch Bücher
Секое негирање на јазична основа е повеќе од погрешноФотографија: DW

„Не не‘ оспорува грчката култура, туку грчката политика“

Тодоровски дополнува: „Грчката култура нас не не‘ оспорува, туку грчката политика. Грчката култура нас не‘ прифати пред овие политички екстреми. Јас сум еден од оние автори, кој бил на промоција на своја книга во Атина, пред 20 години. Во таа смисла, ние сме преведувани во Грција повеќе отколку, да речеме во Хрватска.“

Мехмед Кансу, книжевен преведувач од турскиот дел на Република Кипар истакнува: „Секое негирање на јазична основа е повеќе од погрешно.“

Академикот Тодоровски се осврнува и на интензивираните јазични релации во преводната книжевност меѓу македонскиот и албанскиот јазик: „Јас сум издвоил дел од својата книжевна практика за поврзување на културен план на македонскиот и албанскиот народ. Имам преведено повеќе од 15 книги со албанска поезија. Не го знам другиот фонд на преводи, но знам дека е развиен: има преводи од албанска поезија од Косово и од Република Албанија, можеби и стотина такви преводи.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска