1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска „Кралица на ноќта“ во Берлин

23 декември 2009

Во Моцартовата „Волшебна Флејта“ Ана Дурловски како „Кралицата на ноќта“ блесна на сцената на Државната опера во Берлин. Таа е се’ почест гостин на престолнината, а така ќе биде и во 2010-та, во 2011-та година...

https://p.dw.com/p/LAPz
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

Во далечната 1991 година Ана Стаменковска, сега Дурловски, настапи во детската емисија „До – ре – ми“. Девојчето кое многумина го паметат по црниот фрак, сега е не само „Кралицата на ноќта“ во Моцартовата „Волшебна Флејта“ туку вистинска кралица на сцената, една од ѕвездите на небото истото она кое во 1816 го исценирал Карл Фридрих Шинкел. Можеби и затоа магијата во која се втурнуваат актерите и публиката, е комплетна и типична за единственоста на престолнината.

Staatsoper Unter den Linden, Die Zauberflöte
Сценографијата во „Волшебната флејта“ е по урнекот на првата изведба која ја работел Карл Фридрих ШинкелФотографија: Silvera Padori-Klenke

Сцената е судбина

Поврзаноста со Берлин Ана Дурловски посебно лично ја чувствува во овие недели пред каточкиот Божик кога редовно се изведува „Волшебната флејта“ на Моцарт. Во операта ја има улогата на Кралицата на ноќта и како вели, целата атмосфера, дополнета со снег, делува човек да се втурне во таа бајка и целосно да ја доживее.

Ана е навистина посебна. Во гардеробата ведра, жива, весела, на сцената магична, мистична, силна..Родена е во Штип, образована во Скопје. Во шега забележува дека има битолско државјанство, благодарение на нејзиниот сопруг и колега Игор. По завршената академија во Скопје, отсек соло пеење, кариерата во 2003 година ја продолжила во Виена. Таму се дошколувала, по што следела соработките со Виенската државна опера, но и со оперските куќи во Мајнц, Штутгарт, Берлин.... Ана потекнува од сосема обично, а не од претенциозно музичко семејство. Класичната музика и операта биле дел од општата култура. Секој си има свој пат и смета дека сечија кариера, па и нејзината се судбински предодредени.

Staatsoper Unter den Linden, Die Zauberflöte
Ана Дурловски во улогата на Кралицата на ноќта ја освои публиката во преполната Државна операФотографија: Silvera Padori-Klenke

Нејзин прв контакт со оперската сцена била „Кармен“. Тогаш цврсто решила да стане оперска пејачка, но не знаела дека за тоа мора да учи. Потоа следеле нижото музичко, па средното каде сосема случојно, трагајќи по втор инструмент, го нашла својот прв и судбински избор: соло пеењето. Отишла на аудиција, била примена со што го започнала вистинското школување на нејзиниот глас...

Колоратурен сопран

„Мојот глас е специфичен: колоратурен сопран. Го имам највисокиот регистар и нема многу улоги пишувани за овој глас. Мои улоги се „Кралицата на ноќта“. Софи во „Кавалерот со ружа“, Џилда...“Кажува Ана забележувајќи дека често ја изведува Лучиа ди Ламермур на Доницети, а последниве години и Кралицата на ноќта која ја пеела на сцените на Комише, Дојчеопер и сега во Државната опера во Берлин. За улогата на „Кралицата на ноќта“ дополнува дека е тешка. Не физички колку психички. На сцената излегува трипати, и нема музичко време да се подготви. Ова значи излегува и веднаш пее. Тоа се препознатливи арии кои бараат енормна концентрација и прецизност.

Staatsoper Unter den Linden, Die Zauberflöte
И веселиот Папагено доби големи аплаузиФотографија: Silvera Padori-Klenke

Ана Дурловски, од оваа 2009 година го има статусот на слободен уметник и можност да соработува навистина слободно со повеќе оперски куќи. Календарот полека и‘ се полни со ангажмани до 2012 година, период во кој ќе има настапи во оперските куќи во Штутгарт, Лозана, Франкфурт, Берлин, Ријека, а би била среќна доколку и се случат и Мајските оперски вечери во Скопје.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска