1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската филмографија на маргините во Кан

Тони Гламчевски/ ЖА/ макфакс24 мај 2012

На маргините од меѓународниот филмски фестивал во Кан беа претставени три македонски филмови, но македонската филмографија засега не успева да се наметне во официјалната селекција на најпрестижниот филмски фестивал.

https://p.dw.com/p/151QB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога еден филм ќе се најде во официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал од Кан, во која се натпреварува за Златната палма и во селекцијата на „Извесен поглед“ или пак во двете паралелни селекции „Петнаесетината на режисерите“ или „Недела на критиката“, обично тоа има позитивни последици за неговиот успех во кино салите или во другите видови на дифузирање.

Филмовите од селекцијата за Златната палма и „Извесен поглед“, заедно со тие кои се наоѓаат во натпреварувачкиот дел, полноќните и специјалните сеанси се под светлото на рефлекторите, телвизиските и фотографските камери. Филмските екипи го откриваат шармот на црвениот тепих и на легендарните фестивалски скали, додека двете неофицијални селекции „Неделата на критиката“ и „Петнаесетината на режисерите“ се прикажуваат далеку од фестивалскиот гламур. Селекцијата „Недела на критиката“ ги брани првите и вторите филмови на режисерите, додека „Петнаесетината на режисерите“ е лабораторијата на филмот.

Frankreich Filmfestival Cannes 2012
Фотографија: Reuters

Македонската филмографија и македонските филмови се присутни во Кан, но далеку од фестивалската грозница, за разлика од Берлин, Венеција или Торонто, каде македонските филмови досега ја имале честа да се најдат во прв план. Фестивалската палата во Кан засега е неосвоива за македонските филмови.

Пред затворањето на официјалната фестивалска селекција, за која се изборија 54 филмови, според организаторите биле видени вкупно 1779 филмови и се претставени 26 земји. Селекционерите на Кан беа во Македонија, но за жал не одбраа ниту еден од македонските долгометражни или краткометражни филмови.

Македонските филмови само на филмскиот маркет

Филмскиот фонд на Република Македонија, како и минатите две години, и годинава се претставува на филмскиот маркет во рамките на 65-то издание на Канскиот филмски фестивал.

Македонскиот штанд е сместен во рамките на павилјонот на Југоисточна Европа, заедно со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Србија и Црна Гора. Павилјонот на Југоисточна Европа е покрај брегот со внатрешен простор од 100 метри квадратни и тераса од 100 метри квадратни каде се претставуваат филмовите од регионот и истовремено е место за средби на македонските продуценти со продуцентите, фестивалџите и дистрибутерите од сите други земји.

Во рамките на филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал, на кој се нудат околу 3000 филмови од целиот свет, Филмскиот фонд на Македонија во соработка со продуцентските куќи организираше промоција и прикажување на филмовите Балканот не е мртов“ во режија на Александар Поповски на 20. мај и „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски на 21. мај. Двата филмови беа прикажани во фестивалската палата, но во малите кино сали.

Покрај овие два филма, Македонија во Кан го промовира и најновиот филм на Теона Стругар-Митевска „Жената што си ги избриша солзите“, кој светската премиера ја имаше на Берлиналето во февруари, а македонската на Скопскиот филмски фестивал минатиот месец.

Bildergalerie Filmfestival Cannes 2012 Kino am Strand
Фотографија: AFFIF

Роберт Насков како продуцент на филмовите „Балканот не е мртов“ и „Трето полувреме“ e претставен во рамки на Producers on the move 2012 во организација на Eyropean fil Promotion како претставник од Македонија со уште 24 продуценти, претставници од другите земји членки на мрежата.

Инаку, продукциската куќа Кино Око склучи договор со американската „Little Company“ од Лос Анџелес за светска продажба на филмот „Трето полувреме“, во режија на Дарко Митревски. Ова е прв пат македонски филм да добие застапник на правата за продажба по проекцијата на филмот во Кан.
„Little Company“ беше застапник на јужноафриканскиот филм „TSOTSI“ што во
2006. година ја доби наградата Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно
подрачје.

И годинава во Кан, Филмскиот фонд, покрај промоцијата на најновите македонски филмови, се обидува да го привлече вниманието на учесниците на фестивалот и на филмскиот маркет врз Македонија како дестинација за снимање филмови и како држава во која се плаќаат најниски персонални даноци, со посебни поволности за авторските професии.