1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската литература е малку позната во Германија

26 ноември 2009

Интернет порталот „slovokult.de“, кој виртуелно ja промовира македонската литература деновиве имаше и жива презентација пред малубројна публика со што се потврди дека малите јазици тешко се пробиваат до големата публика.

https://p.dw.com/p/KgF0
Елизабета Линднер е основач на мрежата „slovokult.de“Фотографија: DW/ Silvera Padori

Нема дискусија дека македонските автори од калибарот на еден Петре М. Андреевски, Луан Старова или Игор Исаковски, како и редицата нови имиња, би биле интересни за германската публика. Велиме би биле, зашто вистински подвиг е во морето автори од големите литератури и јазици, да се најде издавач кој би бил заинтригиран за еден македонски роман или збирка поезија.

Преведувачите: истражувачи и агенти

Затоа и преведувачот и вљубеник во македонскиот пишуван збор Вил Фирт коментира дека поради големата конкуренција, македонската литература и автори и’ се слабо познати на германската публика. Но тој, како преведувач се ангажира работите да се сменат. Борбата е долга...

А дека заедништвото дава сила и моќ, потврди и создадената преведувачка мрежа на интернет порталот „slovokult.de“ кој пред неполни две години го основа германистот Елизабета Линднер. Во мрежата се вклучени освен Линднер и Вил Фирт, како и бројни преведувачи меѓу кои и Бен Лангер, Петра Хугер, Ксенија Чочкова, но тука соработува и Александар Зицман, кој на германската публика им ја пренесе поезијата на Никола Маџиров и Лидија Димковска. Со оглед на огромната конкуренција прашање е колку навистина македонските автори можат да бидат интересни за германскиот читател?

Ein Buch in mazedonisch
Македонските автори тешко се пробиваат пред германските читателиФотографија: DW

Линднер, која е Македонка, германист и десеттина години живее и работи во оваа средина, забележува дека има доста автори кои се интересни. Но, тешко се доаѓа до издавачите, а уште потешко можат да се убедат да прифатат некое дело. Вели, преведувачот е ставен во улога на агент. Најпрво го чита текстот, гледа колку е соодветен за германската публика, а згора на тоа мора да се размислува и колку една таква книга и ќе се продава.

Потребен е македонски портал на издавачите

Значи тие не само што преведуваат, туку мора и да откриваат и понудуваат, а за да бидат успешни треба во секој момент да го чувствуваат пулсот на македонското издаваштво. За жал, ова не е така. „За нас постои еден проблем, а тоа е дотокот на информации во врска со новите изданија од Македонија. Некои издавачи немаат ни веб-страница. Би било убаво да има една веб платформа каде би биле претставени новите македонски изданија. Со тоа за нас би биле достапни како информациите, така и рецензиите и критиките“, кажува Линднер според која до авторите се стигнува преку лични контакти, пријатели и посета на книжарниците во Македонија, кога таму се престојува. Таа потсети дека вистинско место за претставување на македонската литература е Лајпцишкиот саем, зашто негова целна група е токму литературата на малите јазици од Југоисточна Европа.

Deutschland Buchmesse Leipzig Stand Mazedonien
Саемот на книгата во Лајпциг вистинско место за промоција на македонската литератураФотографија: DW

Издавачи заинтересирани за Балканот

Дека се’ не е толку црно иако нема вистинска стратегија да се дојде до публиката надвор од македонските граници, потврдува фактот дека има елитни германски преведувачи кои радо би го пренеле македонскиот збор. Така на „slovokult.de“ може да се прочита на германски дел од творештвото на Катица Ќулафкова, Влада Урошевик, Игор Исаковски. Вил Фирт, кој на германски превел дела од Иван Додовски и Луан Старова вели дека има издавачи кои се заинтеересирани за авторите од Балканот. Тој кажува дека чека „абер“ од фондацијата Традуки, која стана важна за превод на балканската литература. Издавач е и Ерата или сега со ново име Лајпцишка издавачка литературна куќа и се надева дека ќе добие зелено светло за превод од македонски на германски на романот на Игор Исаковски: „Пливање во прашина“.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска