1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја укина мерката за условен увоз на брашно

Костадин Делимитов14 септември 2013

Трговската воја меѓу Македонија и Косово се чини дека е пред крај, откако македонската Влада синоќа донесе одлука на 15 септември на полноќ да ја укине мерката за условен увоз на брашно.

https://p.dw.com/p/19hRw
Фотографија: DW

Македонската Влада ја укина мерката за условен увоз на брашно што важеше за земјите од Цефта регионот. Од утре (15 септември) на полноќ, завршува мерката која беше воведена заради заштита на домашниот пазар од неконтролираниот увоз. Со овој потег би требло да се стави крај на трговската војна со Косово. Од владата велат дека одлуката била донесена откако било констатирано дека пазарот во овој сегмент бил стабилизиран.

„Докажавме дека се грижиме за субјектите во Македонија и дека имаме конзистентни ставови базирани на анализи со длабока економска, правна и општествена оправданост“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.

Косовските медиуми доцна синоќа јавија дека во текот на денов ембаргото ќе биде симнато од косовска страна, што пак треба да повлече и прекин на блокадата на транспортерите од македонска страна и мерката за влез во земјата со плаќање на такси за патниците и возилата. Пешевски изјави дека за одлуката веднаш била известена и владата во Приштина:

Grenzblockade Mazedonien Kosovo
Се очекува повлекување и на мерката за плаќање такси за влез од Косово во МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Дел од министрите ја информираа косовската страна, косовските медиуми веќе пишуваат дека ќе има позитивни реакции, се надевам дека наскоро се ќе се реши“.

Од Владата во Скопје соопштија дека укинувањето на мерката нема директна врска со косовското ембарго, бидејќи се однесува и на други земји со поголем обем на размена отколку оној со Косово. Македонија ја воведе мерката на почетокот на јули, откако претходно ги извести сите земји членки на Цефта.