1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја повлекува блокадата на српската пченица

БГ/бета10 јули 2013

Српскиот министер за трговија, Љајиќ изјави дека Македонија се согласила да ја измени уредбата за ограничувањето на увозот на брашно и пченица од Србија

https://p.dw.com/p/195Fx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Српскиот министер за трговија Расим Љајиќ (на фотографијата) и македонскиот министер за земјоделство Љупчо Димовски денеска во Скопје се договориле македонската влада да ја повлече уредбата со која се овозможуваше ограничување на увозот од Србија. Според уредбата на македонската влада, за еден килограм увезена пченица македонските увозници мораа да откупуваат по три килограми домашна, а за еден килограм брашно- четири килограми пченица.

На состанокот, според Љајиќ, било договорено да се тргнат сите вонцарински бариери во трговијата меѓу Македонија и Србија за да се обезбеди слободен проток на стока и да се зголеми обемот на меѓусебната размена.

„Ние ќе ја следиме постапката и очекуваме таа уредба да се измени во разумен рок“, рече Љајиќ.

Доколку се испочитува денешниот договор, Србија нема да воведува реципрочни мерки против Македонија, како што се најавуваше деновиве.

Министрите се договориле еднаш неделно двете земји да се консултираат за техничките и практичните проблеми на своите трговци при увозот и извозот, и да ги решаваат тие проблеми.

Љајиќ информираше дека вонредното заседание на Заедничкиот комитет на ЦЕФТА на кој инсистираше Србија сепак ќе се одржи на 22 јули во Белград.

„Ќе инсистираме на тоа дека ваквите мерки и одлуки се неприфатливи и дека во иднина не смеат да се применуваат, и дека државата ќе има автоматско право да воведе реципрочни мерки доколку ова се повтори“, рече Љајиќ.