1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја краси натпреварувачки дух

2 ноември 2010

Кире Лазаров, еден од најдобрите светски бекови, е задоволен и среќен со новиот ангажман во Сјудад Реал. Тој е оптимист за шансите за пласман на Македонија на Еуро 2012 во Србија.

https://p.dw.com/p/PwGi
Кире ЛазаровФотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот ракомет пребогат со настани и личности, неприкосновениот лидер во моментов го има во Кире Лазаров. Еден е од најдобрите светски бекови, најдобар стрелец во историјата на светските првенства, капитен на репрезентацијата на Македонија, кралот на стрелците со почетокот на сезоната зачекори во одаите на шпанскиот кралски клуб Сјудад Реал. Тоа е само логична надградба во неговата кариера, после Пелистер, Веспрем и Загреб. „Јас сум лично многу задоволен среќен и амбициозен, и никогаш до сега не сум бил помотивиран да се обидам да направам подобар резултат од досега.“

Croatia Handball World Championships
Кире Лазаров во дресот на МакедонијаФотографија: AP

Лазаров ја истакнува извонредната клупска организација на Сјудад Реал, нешто што по малку недостигало во средините во кои претходно беше. И работата на тренерскиот маг Талант Душебаев. А за првичната адаптација во клубот вели. „Поминаа два и пол месеци моите први импресии се одлични. Имав добри и забележителни настапи, но во големите клубови не толку важен почетокот, во големите клубови важен е крајот. Треба да почекаме до крајот на месец мај и потоа да преброиме и изброиме што и колку имаме направено. Допрва претстои голема работа, допрва претстојат големите битки.

Битката за пласман на Еуро 2012 ќе се води со Босна

Паралелниот натпреварувачки колосек на Лазаров е македонскиот репрезентативен дрес. Го носи гордо, патриотски. Му недостига учеството на едно европско првенство. „Јас би бил најсреќен на светот доколку со Македонија успееме да се пласираме на европското првенство. Тоа би било врв на оваа генерација.“

Македонија е во група со Унгарија, БиХ и Естонија почна одлично. Со победа над Естонците во Скопје и со нерешени 28:28 во Сараево против БиХ. За Лазаров, Унгарците се благи фаворити, а со Босна ќе се води главната битка за освојување на едно од првите две места што водат на Еуро 2012 во Србија. Вели, Македонија ја краси силен натпреварувачки дух. „Мислам дека имаме големи шанси. Тоа го велам бидејќи оваа генерација игра долг период заедно и доста сме уиграни. Не краси колективниот дух, другарството и мислам дека еден добар колектив е во голема предност доколку ги поседува овие адути, и тука ја гледам нашата шанса.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска