1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија со 161 спортист во Мерсин

Златко Калински16 јуни 2013

Први македонски спортисти кои отпатуваа на Медитеранските игри во Мерсин се кошаркарите. Со нивниот натпревар на 18 јуни ќе се официјализира првото учество на Македонија на натпреварувањето кое датира од 1951 година.

https://p.dw.com/p/18qi4
Фотографија: Fotolia/lakeemotion

Спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК) Владимир Богоевски е шеф на македонската мисија во Мерсин:

„Се отвора нова страница од македонската спортска историја. Ова е одлична шанса за многу наши спортисти да бидат дел од квалитетно натпреварување, кое е своевиден пандан на Олимписките игри. Направивме големи напори нашиот дебитантски настап да биде со што поголем број спортисти. Македонија во Мерсин ќе биде застапена со 161 спортист. Нашата партиципација ќе е во 19 спортови. Најбројни сме во екипните спортови со 5 селекции, двете ракометни и машките тимови во кошарка, одбојка и фудбал. Во поединечните спортови најголемата застапеност ќе ја имаме во борење, бокс и пливање.“

Медал во екипните спортови?

Какви се резултатите што може да се очекуваат од македонските спортисти. Има ли Македонија квалитет за освојување медали? Богоевски проценува:

„Првично, нашето залагање беше Македонија да биде претставена со најдобрите селекции. Шансата за медал ја гледавме во екипните спортови, каде што нашите кошаркари се официјално 4-ти во Европа, ракометарите 5-ти на последното Европско првенство. Но, поради сплет на околности овие селекции нема да настапат во најсилен состав, освен одбојкарскиот тим, кој ќе биде комплетен. Засега немаме сознанија и за силата на другите репрезентации. Претпоставка е дека и другите земји во Турција ќе патуваат без најквалитетните селекции, па имаме шанса во неколку спортови да конкурираме за медали.“

Mazedonien Sportdirektor Olympisches Komitee
Владимир БогоевскиФотографија: Zlatko Kalinski

Свеченото отворање на Игрите е закажано за 20 јуни. Неколку дена претходно започнуваат турнирите во екипните спортови:

„Првиот македонски настап на Игрите ќе го имаат кошаркарите на 18 јуни против Египет, ден подоцна фудбалерите ќе играат против Либија. За церемонијалот на свеченото отворање ќе имаме веќе бројна делегација. Инаку, домаќинот вложи многу во организација на Игрите. Од претходните посети на Мерсин знам дека ќе имаме одлични услови за натпреварување. Подолго време Турција се кандидира и за добивање на Олимписките игри во 2020-та година, па ова ќе е добар тест пред меѓународната спортска јавност. Мал проблем создава актуелната политичка ситуација во Турција, па во еден момент некои земји го поставија прашањето дали да се оди на Игрите во Мерсин, но од домаќинот добивме цврста гаранција дека Игрите нормално ќе се одвиваат“, вели за Дојче веле спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски.