1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија прославува 21 година од независноста

АМ/макфакс8 септември 2012

Македонија денеска одбележува 21 години од независноста. Празникот ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ. Денешната прослава на празникот ќе чини 58.000 евра.

https://p.dw.com/p/165RJ
Фотографија: MIA

На овој ден пред 21 година, во предвечерјето на распадот на тогашна СФРЈ, се одржа референдум на кој убедливо мнозинство - 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски состав на Собранието на Република Македонија ја усвои на 25 јануари 1991 година.

По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собраа на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, каде беше организирана свеченост насловена Глас за Македонија со настап на стотина естрадни ѕвезди.

Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина.

Neues Denkmal in Skopje "Porta Makedonija"
Фотографија: Makfax

Прослава во арената Филип Втори

Централната прослава на која ќе биде одбележана 21-годишнината од независноста на Македонија ќе се одржи на арената Филип Втори со голем концерт. Во продажба се пуштени 70.000 влезници по цена од 20 денари, а обезбеден е и бесплатен автобуски превоз до Скопје, од сите општини низ државата. Арената Филип Втори ќе биде отворена три часа пред почетокот на манифестацијата, а влезот е обезбеден со бар-код.

На централната прослава ќе и' претходи свечена академија која ќе се одржи во Македонската опера и балет, и на која ќе учествуваат хорот и оркестарот како и солистите на оваа национална установа. Академијата ќе почне во 19 часот, а во 20 часот на Филип Втори ќе се одржи ревија со настапи на познати ѕвезди од македонската естрада, во координација со Агенцијата за млади и спорт. Водител на прославата е Игор Џамбазов, а со интонирање на националната химна во 21 часот од оперскиот пејач басот Игор Дурлоски, почнува централната прослава.

Потоа следи мало изненадување и спектакуларниот концерт на триото Тавитјан и концертната промоција на албумот „Македонското срце чука во 7/8". На сцената заедно со Тавитјан ќе настапат големите македонски и балкански ѕвезди Калиопи, Каролина Гочева, Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Хари Варошановиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Нина Бардиќ, Тереза Кесовија, Аки Ракимовски, Дадо Топиќ, Мики Јовановски-Џафер, Ристо Самарџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски и други.

За овогодинешната манифестација, Владата ќе потроши 58.000 евра за осветлување, сцена, озвучување и за пропаганден материјал, а настапот на ѕвездите е овозможен од триото Тавитјан.