1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија очекува поддршка од сите земји на ЕУ за почеток на преговори

ЕМФ/макфкас27 ноември 2012

Македoнскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на работен појадок со амбасадорите на земјите на ЕУ во Брисел ги презентираше македoнските аргументи за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

https://p.dw.com/p/16qWs
Фотографија: AP

„Македонија е темелно подготвена за почеток на пристапните преговори, а оценката на Комисијата за значителен напредок во клучните реформски области целосно го потврдува тоа. Се согласуваме со констатацијата на Комисијата дека почетокот на преговорите е неопходен, како за натамошното консолидирање на реформскиот процес и зајакнувањето на меѓуетничката кохезија, така и за зачувување на кредибилитетот на Унијата и на нејзината политика на проширување кон Балканот“, нагласи денеска (27.11) шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Брисел.

Нагласувајќи дека Македонија очекува поддршка од сите земји-членки во декември да одлучат согласно четирите досегашни препораки на Комисијата за почеток на пристапните преговори со земјата, Попоски рече:

„Македонија очекува дека Грција ќе се согласи со констатацијата на Комисијата дека одлуката на Европскиот совет за почеток на пристапни преговори со Македонија позитивно ќе влијае за изнаоѓање на решение за грчко – македонската разлика околу името на Република Македонија во рамките на разговорите под покровителство на ОН. Како и досега, подготвени сме за интензивирање на разговорите и посакуваме час поскоро да се дојде до решение согласно меѓународното право, демократските принципи и човековите права.“

Амбасадорите на земјите-членки ја искажаа поддршката за процесот на проширување на Унијата и приемот на земјите-кандидати во членство во ЕУ врз основа на целосно исполнување на поставените критериуми. Нагласена е важноста на реформите поврзани со владеењето на правото - правосудството, внатрешните работи, јавната администрација, кои согласно новиот пристап во проширувањето, ќе бидат во центарот на вниманието за целото времетраење на пристапните преговори. Исто така, нагласена е и важноста на добрососедските односи како една од темелните вредности на Европската интеграција.