1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија остро нападната поради Ромите

Тони Гламчевски29 јуни 2012

Претседателот на Европскиот форум на Ромите, Рудко Кавчински, остро ја критикуваше политиката која се води во Македонија кон ромскатa заедница. Шефот на македонската делегација Николовски протестираше жестоко по нападите

https://p.dw.com/p/15Nuy
Фотографија: Petr Stojanovski

Ситуацијата со Ромите во Европа реално не е многу изменета, иако во меѓувреме е постигнат институционален напредок, беше речено во расправата на Парламентраното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

„Тоа е и причината поради која редовно го привлекуваме вниманието на државите членки врз оваа ситуација. На институционален план е постигнат напредок, нашето собрание минатата година потпиша договор за соработка со Европскиот Форум на Ромите, што им дозволува на претставниците на Ромите да учествуваат во работата на ПССЕ“, вели Жан-Клод Мињон претседателот на ПССЕ.

Жестоки критики за Македонија од страна на претставникот на Ромите

Рудко Кавчински претседателот на Европскиот форум на Ромите во неговото обраќање пред ПССЕ, посебно се осврна на дискриминацијата на која е изложена оваа заедница во Европа. Иако ситуацијата на Ромите мигранти во Македонија беше спомената само во неколку линии од страна на известувачката, германската парламентарка Анет Грот, Кавчински не штедеше на критиките упатени на сметка на политиката што ја води Македонија, посебно заострените мерки за напуштање на земјата, од кои, според него, најпогодена е ромската заедница.

„Па дури и комунистичките режими во времето на сталинизмот не му забранија на едно малцинство да ја напушти земјата. Стотина Роми го загубија пасошот или добија печат АЗ на нивниот пасош, што ги прави пасошите некорисни. Во Третиот рајх исто така им се ставаа печати АС (несоцијални) на Ромите. Многу Роми ја изгубија работата во  Македонија или Црна Гора, многу од нив се спречени да одат на семејни празници во странство, тие што имигрираа и сакаат да се вратат дома се осудуваат на тешки казни бидејќи имигрирале на илегален начин. Еве тоа се случува во една земја која наскоро ќе треба биде членка на ЕУ, во 21. век, една земја која не ги почитува елементарните човекови права“, рече претседателот на Европскиот форум на Ромите.

Europarat Strassburg Gebäude
Во Советот на Европа упатени остри критики на сметка на Македонија по последните азилантски брановиФотографија: picture-alliance/landov

Во Македонија Ромите се составен дел на државата

Ова тешко обвинување не го остави рамнодушен шефот на македонската парламентарна делегација Александар Николовски, кој остро протестираше на говорот на Кавчински.

Тој притоа објасни дека заострените мерки за излегување на македонските граѓани од земјата не се дискриминаторски и не се насочени кон една етничка заедница и дека тие се донесени по барање на земјите од ЕУ.

„По визната либерализаци за трите земји од Балканот, многу лица побараа азил во Белгија, белгиските власти испратија мисија во земјата и побараа од нас да го прекинеме тој бран. Ако ја критикувате Македонија или Балканот, речете го истото и за Белгија. Но вие не се осмелувате да го направите тоа бидејќи Белгијците не се во иста позиција. Речете дека и Белгијците се како нацистите. Всушност многу Роми се обидоа да добијат азил во Белгија, бидејќи кога добиваат азил имаат средства за живеење.“

Николовски понатаму пред ПССЕ нагласи дека пратениците Роми во македонското Собрание не се согласуваат со оценката на Кавчински. Потсетувајќи дека Ромите се наоѓаат во Преамбулата на Уставот на Република Македонија, што е единствен случај во Европа и дека Македонија ги смета Ромите како составен дел на државата. За тоа сведочат и министрите Роми во земјата, општинскиот совет на Ромите, одржување на настава на ромски јазик, па дури и на универзитет, системот на здраството кое ги покрива сите.

Roma Kinder in der Schule in Skopje
Ромите во Македонија се третирани како составен дел на државата, нагласи НиколовскиФотографија: Petr Stojanovski

Рудко Кавчински, од своја страна остана, додаде  дека во ситуацијата во која се наоѓаат Ромите во Македонија се уверил и самиот при недоамнешната посета на земјата, каде се сретнал со претставници на Ромите и дека тој се‘ уште чека одговор од страна на македонскиот премиер од кого со писмо било побарано објаснување по ова прашање.

На проблемот со рестристикнивните мерки за напуштање на земјите од Балканот, реагираше и Комесарот за човекови права, но тој одговорноста за ова не ја виде како Форумот на Ромите само во земјите од регионот, туку и во земјите од ЕУ.

Серија на препораки за подобрување на ситуацијата на Ромите мигранти

Во едногласно усвоената препорака по расправата, ПССЕ побара од земјите членки да прекинат со колективното протерување Роми, да ја преиспитаат политиката на присилно враќање на Ромите на Косово, како и преземање на соодветни мерки за натурализација на Ромите без државјанство. ПССЕ истовремено побара од надлежните органи на СЕ да размислат за средствата со кои можат да се решат проблемите околу негативните стереотипи и предрасуди и стигматизацијата на Ромите во медиумите и јавните дискусии.