Сѐ уште нема конечни податоци за одзивот
18 октомври 2021Колку избирачи излегле на гласање на локалните избори во Северна Македонија и натаму не се знае точно. На страницата на Државната изборна комисија изутринава сѐ уште може да се видат податоците за излезноста на изборите до 18:30 часот.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, вчеравечер изјави дека постапката за сумирање на резултатите трае и дека како што завршуваат избирачките одбори со собирање на резултатите, тие се внесуваат на веб-апликацијата.
„Кај нас одат резултатите врз основа на записниците, треба да се види во записникот колку е. Локални избори се, значи многу поголем број на гласачки ливчиња се споредуваат и нели имаме сега и графа за отпечатоци колку на страна тоа треба да се спореди. Претпоставувам веќе тоа е при крај, бидејќи прво избирачките одбори, па ги предаваат на ОИК, така што веќе ќе треба да пристигнуваат побрзо резултатите“, изјави Даштевски вчеравечер.
Според податоците кои сега стојат на располагање (до 18:30 часот) одзивот бил 48,99%. Даштевски информираше дека гласањето во последните избирачки места завршило во 21:55 часот вчера, односно два часа и 55 минути по 19 часот, кога требаше да се затворат избирачките места.