1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и натаму паѓа на листата на Репортери без граници

Б. Георгиевски/рбг12 февруари 2014

Македонија забележува натамошен пад на ранг-листата на организацијата „Репортери без граници“. Според слободата на информирањето, земјата е рангирана на 123. место, меѓу 180 земји во светот. Лани РМ беше на 116. место.

https://p.dw.com/p/1B7Ea
Фотографија: dapd

Нов пад, за седум места, бележи Македонија на ранг-листата на медиумската организација „Репортери без граници“ за слободата на информирањето во минатата, 2013. година. Ланската година се чинеше дека Македонија го достигна дното, откако беше рангирана на 116. место, но слободниот пад, кој трае од 2009. година, кога земјата била на респектабилното 34. место, сѐ уште трае.

Земји како Венецуела, Јужен Судан, Непал, Алжир и Мали котираат пред Македонија во однос на слободата на информирањето, а недалеку зад земјата на листата е Авганистан.

Репортери без граници го наведуваат и затворањето на новинарите Томислав Кежаровски и Зоран Божиновски.

„Новинарот Кежаровски стана симбол за нарушувањата во слободата на информирањето. Откако беше осуден на затворска казна од 4,5 години, неговиот притвор беше заменет со домашен притвор, под меѓународен притисок. Но, веќе следниот ден во Србија беше уапсен друг новинар, Зоран Божиновски, по потерница од Интерпол. Божиновски често работеше истражувачки стории за Сашо Мијалков, шеф на македонските тајни служби и роднина на премиерот Никола Груевски“, се наведува во извештајот на „Репортери без граници“.

Во претходниот извештај, од Репортери без граници предупредуваа и на опасноста од донесување на Законот за медиуми, кој во меѓувреме беше донесен во македонскиот парламент.

„Албанија, Црна Гора и особено Македонија се на дното на индексот на Балканот со истото бедно досие: судски злоупотреби базирани врз несоодветно законодавство, непристапност до јавните информации, физичко и психолошко насилство врз медиумските работници, употреба на официјалните и приватните рекламни пазари како средство, и контрола на сивата економија врз клучни делови од медиумите. Следејќи ги опасните примери на Унгарија и Италија , македонскиот парламент се подготвува да ја ’легализира цензурата’, играјќи си „топло-ладно“ со професијата која е препуштена сама на себе“, се наведува во извештајот, кој се однесува на периодот од декември 2012-та до средината на октомври 2013-та година.