1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Грција-преговори заради (не)договор?

Костадин Делимитов11 септември 2015

Две децении од потпишувањето на Времената спогодба, Македонија и Грција се далеку од решение на спорот. Аналитичарите не се оптимисти дека набргу ќе има решение.

https://p.dw.com/p/1GUto
Фотографија: picture-alliance/dpa

Потпишувањето на Времената спогодба на 13 август 1995 година во Њујорк требаше да предизвика пресврт во тогашната затегнатост во односите помеѓу Скопје и Атина. Договорот беше постигнат под сериозен притисок на меѓународната заедница. Двете страни воспоставија дипломатски односи, презедоа одредени обврски, разговараа, но не дојдоа до решение на деценискиот спор. Две децении подоцна спорот помеѓу Грција и Македонија се` уште е отворен и се чини далеку од можност да биде скоро затворен. Од денешен аспект е очигледно дека Спогодбата не донесе пробив, напротив таа неколкупати претрпе и сериозни прекршувања. Ваквиот развој според дел од аналитичарите сепак не го намалува нејзиното значење како важен документ кој во период на крвопролевања, конфликти, блокади на балканските простори предизвика пресврт и одредено релаксирање на затегнатите односи помеѓу двете земји, додуша со сериозен меѓународен притисок, посебно од САД:

„Во тие опасни времиња, кога ЕУ, во очајнички обид да ја дисциплинира својата членка, поднесе тужба против Грција пред Европскиот суд поради поведението кон Македонија, беше јасно дека само притисокот на САД врз Грција можеше да предизвика пресврт во односите помеѓу двете соседни земји. Всушност, со Спогодбата, големата сила и‘ наложи на посилната држава, Грција, членка на НАТО и на ЕУ, да ја укине економската блокада врз нашата земја. Грција се обврза да ја признае нашата држава како ’независна и суверена’, да го почитува нашиот територијален интегритет, да воспостави дипломатски односи, со отворање на канцеларија за врски во Скопје, и да овозможи сестрана непречена натамошна соработка. Реципрочно, Македонија ги прифати истите обврски, па така, со Времената спогодба, двете држави се обврзаа на унапредување на севкупните меѓусебни односи. На Македонија и‘ беше наложено да го смени знамето со звездата од Вергина и да бара заеднички прифатливо решение за името на нашата држава, оспорувано од Грција. Така, на 13 септември 1955 година во Њујорк, мирот и соработката помеѓу Македонија и Грција беа наложени од страна на Америка. Со тоа, интересот на САД и на заедницата на западните демократии беше задоволен. Остана на двете држави, со сопствени сили, преку дијалог, да произведат решение. Меѓутоа, политиките на двете држави принудени на мир и соработка, не беа спремни за следниот чекор. Наместо да следи отворен дијалог за тоа што двете страни подразбираат под терминот ’Македонија’, имено, која историја и кое културно наследство, грчката и македонската политика се обединија околу најлесната и најконзервативната позиција. Немојте да се изненадите, се обединија околу ставот на Андонис Самарас кој ќе изјави: ’Одлука на нашиот народ е: не преговараме за нашата историја, ниту за нашиот идентитет, ниту за нашиот јазик’. Меѓутоа, ако нема разговор за историјата, за јазикот или за идентитетот, како е можно помирување од кое би произлегол некаков компромис околу името?“, коментира за Дојче веле поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески.

Mazedonien Nimetz Ivanov Poposki in Ohrid 2012
Ѓорги Иванов, Метју Нимиц и Никола Попоски во Охрид, 2012 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Според поранешниот дипломат Ристо Никовски, спогодбата со Грција е неповолно решение за Македонија. Нејзиното прифаќање во тоа време од страна на државното раководство го смета за грешка:

„Привремената спогодба беше крајно неповолна за Македонија. САД, како менаџер на проблемот со името, се’ што не можеа да ни подметнат во Советот за безбедност при приемот во ООН, со резолуцијата 817/ 93, тоа го сторија со Привремената спогодба. Иако таа не беше обврска произлезена од резолуцијата, прифативме да потпишеме меѓународен документ како безимена земја со што, ipso facto, се откажавме од своето уставно име. Името на Грција никој не го оспорува. Резолуцијата беше донесена без наша согласност, а спогодбата ја потпишавме и се согласивме дека името ни е проблематично. Со тоа ги прифативме и нелегалните постапки на Советот за безбедност од 817/93. Притоа во неа се користи бесмислениот термин ’преговори’. Кој во земјава може и смее да ’преговара’ околу името на државата кое е прецизирано со Уставот? Во 817/9 ниту има ниту може да има такво нешто. Години потоа, поранешниот претседател Киро Глигоров објасни дека тоа било наметнато со ултиматум на Грција, што не ја оправдува грешката“, смета Ристо Никовски.

Поголем губитник е Македонија

Фактот дека нема решение, но и фактот дека Спогодбата доживеа и сериозни прекршувања ја отвора дилемата околу иднината на целиот процес во постојната рамка. Од денешен аспект нема дилеми дека поголем губитник во целиот овој процес е Македонија, не само поради промената на знамето, привремената референца, блокадите во евроатлантските процеси. Поголемиот дел од вината според аналитичарите секако дека треба да се бара во Атина, која ја користи или злоупотребува својата позиција, но исто така и во Скопје:

„Цврсто закопани во една иста позиција, да нема суштински разговори за суштински теми, двете страни, по потпишувањето на Времената спогодба од Њуjорк во 1995, ја продолжија војната со други средства – со симулирање преговори. Македонија, имено, преговараше за да преговара, а работеше на воспоставување на дипломатски односи под уставното име со што е можно поголем број држави, додека Грција, која исто така преговараше за да преговара, таквото наше поведение го зеде за доказ дека не ја почитуваме Спогодбата, па и самата ја прекрши со ветото за нашето членство во НАТО. Во меѓувреме, македонската политика која исто како и грчката тврди дека одлука на македонскиот народ е ’да не преговараме за нашата историја, ниту за нашиот идентитет, ниту за нашиот јазик’, наместо, барем, да работи на историска и културна дистинкција со грчкиот народ, го чини спротивното: преку новата интерпретација на историјата и спомениците од ’Скопје 2014’, работи на идентификација со него. Зошто? Одговор немам затоа што нема никаква транспарентност и демократска процедура во носењето на големите државни одлуки. Јасно ми е само, а тоа го кажуваат снимките од разговорите на високите државни функционери објавени од опозицијата, дека целата тема за спорот со името е извлечена од институциите и е предмет на сериозни импровизации и манипулации на поединци кои не влеваат доверба дека знаат што прават“, коментира Малески.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Целата вина лежи во Атина?

Според Никовски пак, целата вина исклучиво лежи во Атина. Тој не гледа можност за скоро решение. Сепак тоа не значи дека треба да се биде во дефанзива, туку напротив:

„Целта на САД со спогодбата меѓу другото, беше и да го врати предметот во билатерални води, од мултилатералните каде се третира од самиот почеток. Тоа најмалку и‘ одговара на Македонија, бидејќи претпоставува и финален договор, што е невозможна мисија. Директно со Атина, никогаш нема да се најде решение кое ќе ги задоволи минималните интереси на Македонија. Впрочем, бесмислен е секаков договор со нив ако во него ги нема и другите отворени прашања – нашето малцинство таму, имотите на протераните и слично. А, колку е тоа реално, сосема е јасно. Непростива грешка беше ратификацијата на Привремената спогодба во Собранието. Немаше таква обврска и Грција не постапи така. На тој начин, и државата ’прифати’ дека името и е проблем! Се’ заедно, Спогодбата беше (скоро) целосно грчки интерес. Македонија доби признавање на државата од Грција и нејзино непопречување на наш влез во меѓународните интеграции. Второто веќе не важи. Но, тоа е веќе историја. Факт е дека Спогодбата многу ни помогна во признавањето од преку 135 земји под уставното име и толку. Остана нашата девалвирана позиција која е непоправлива, а Грција, едната од двете обврски ја батали, и никому ништо. Решение во скоро време е незамисливо и Македонија е таа која мора да тргне во офанзива ако сака излез од тунелот во кој е доведена“, коментира Никовски.

Пресуда од Хаг во корист на Македонија

Во изминативе две децении грчко македонскиот спор околу уставното име на Република Македонија беше тема на бројни директни, формални и неформални состаноци. Решение не успеаа да издејствуваат ниту големите сили кои притискаа, но факт е и дека замижуваа пред одредени ситуации кои го девалвираа процесот. Прашањето се најде и пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг кој пресуди во корист на Македонија, но само дотаму. Не помага ниту медијаторството на Метју Нимиц, кој во изминативе дваесет години смени неколку преговарачки постави и на двете страни. Во вакви услови и не треба да чуди фактот што ова прашање е едно од доминантните кои го користи или злоупотребува политиката во Грција и во Македонија, посебно во Македонија, каде во изминативе години поделбата на патриоти и предавници доби загрижувачки димензии. Години наназад јавноста околу ова прашање постојано слуша само дека е неопходен компромис. Некои го ословуваат како разумен, неразумен, некои пак го поврзуваат со виткање на кичми, но факт е дека никој отворено не кажува или пак нема храброст да дефинира што точно тој треба и да значи.