1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во полуфинале на Европското првенство

15 септември 2011

Скопје мина низ луда ноќ, радосна, еуфорична. Се славеа македонските кошаркари, јунаците кои надвишија исклучително тешка бариера и извојуваа уште една херојска победа за влез во битките за медал на ЕП во Литванија.

https://p.dw.com/p/12ZPZ
Македонските кошаркари во полуфинале на ЕП 2011Фотографија: MAKFAX

Оној момент кога се огласи сирената во Каунас, промовирајќи ја Македонија во полуфиналист на Европското првенство, се „запали“ Скопје обземено од победничката треска. Се сјати се’ живо кон плоштадот Македонија, собирниот центар за сите, и за старо и за младо, за да се подели неизмерната радост предизвикана од блескавата победа над кошаркарски моќната Литванија со 67:65.

Заглушувачки звуци на автомобилските сирени, изливите на  радост, досега недоживеана, безброј македонски знамиња беа декорот на речиси  секој автомобил. И огномет на полноќ, го распара скопското небо. Сите со радост исполнети, ликуваа...

Autokorso in der mazedonischen Hauptstadt Skopje
Фан на македонските кошаркариФотографија: DW

„Чуството не се опишува! Многу сме горди, среќни и радосни.“

„Се чуствувам одлично, го изненадивме светот!“

„Супер е! Одиме на медал, на златен медал. Момците ’изгинаа’ на теренот.“

„Најсилно чуство. Сакам да ги поздравам сите играчи- Дарко Соколов, Војдан и Дамјан Стојановски- најдобрите одбрамбени играчи. Им благодарам многу на Бо Мекејлеб и на нашиот капитен Перо Антиќ, ќе постигне 20 поени во полуфинале.“

Од успехот изненадени и добрите познавачи на кошарката

Антиќ, Мекејлеб, Илиевски, браќата Стојановски, Самарџиски, сите 12-мина и тренерот Докузовски се величаат. Восхитеност и неверување дека Македонската кошаркарска репрезентација влезе во магичниот круг на аспирантите за медал. Некогашниот македонски кошаркарски ас Стеван Гешовски, возбудено зборува:

Marin Dokuzovski
Марин ДокузовскиФотографија: MAKFAX

„Ова е прекрасно. Никој не очекуваше дека ќе имаме повеќе од две победи. Навистина немам зборови за ова што се случи.“

И Зоре Темелковски, долгогодишен кошаркарски работник, е изненаден од резултатите на македонскиот тим во Литванија.

„Јас сум изненаден и шокиран од успехот што го направија македонските кошаркари. Но, не ме изненадува тоа што оваа генерација е целосно посветена на кошарката. Посебно му се восхитувам на Марин Докузовски. Тој е тренер со европски манири и квалитет. “

Autokorso in der mazedonischen Hauptstadt Skopje
Во Скопје се славеше победатаФотографија: DW

Во еуфоричната маса од пресреќни луѓе во центарот на Скопје беше и познатиот македонски одбојкар Горан Србиновски.

„Голем е успехот на македонската репрезентација против домаќинот. Им посакувам да играат финале. Се бореа лавовски. Имаат огромни честитки од мене како спортист.“

Со местото меѓу полуфиналистите е направен огромен чекор, Македонија обезбеди учество на квалификациониот турнир за Олимписките игри во Лондон. А, во полуфиналето пред македонскиот состав е испречена Шпанија, фаворитот број еден за златниот медал.    

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема