1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во деликатна фаза по самитот во Чикаго

Горан Петрески28 март 2012

По мајскиот самит Македонија ќе влезе во деликатна фаза. Се очекува нов бран на скептицизам од НАТО но многу поважно е какви ќе бидат последиците во останатите чуствителни сфери, предупредуваат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/14TAx
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Македонија нема да отстапи од патот за интеграција во НАТО без оглед на епилогот од самитот во Чикаго. Ваквите уверувањата на надлежните се погласни од повиците земјата да се повлече од учество во мировните мисии ако на претстојниот НАТО собир формално правно остане надвор од алијансата.

Земјата останува на курсот кон Брисел

Разочарувањето од самитот во Букурешт пред четири години сеуште не е заборавено. Очекувањата од Чикаго пак дополнително ги потхранува одлуката на Хашкиот суд за спорот со Грција. Сепак, официјално Скопје не креира претеран оптимизам. Напротив властите испраќаат порака дека реформите се туркаат, а определбата за НАТО останува непроменета.

„Ниту одлуката во Чикаго дали ќе стане тема за проширување или не, нема да ја менува генералната политика на Република Македонија и стратешката ориентација за евроатланските интеграции“, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими.

Mazedonien Politik Nano Ruzin 2
Нано РужинФотографија: MIA

Ружин: Неможноста за влез е исклучително неповолна вест

Сепак се очекува мајскиот самит во Чикаго повторно да ги разбранува партнерските односи меѓу Брисел и Скопје. Аналитичарите се свесни дека епилогот што ќе го продолжи тапкањето на Македонија во место ќе предизвика нов бран на скептицизам за ЕУ и НАТО. Поранешниот македонски амбасадор во НАТО Нано Ружин стравува дека Македонија по самитот во Чикаго ќе влезе во деликатна фаза.

„Во сеуште недефинирана фаза кога не се знае какви ќе се последиците на економската политичката и безбедносната криза бидејќи видовме дека и Охридскиот и меѓуетничките односи претрпеа одредени стресови и во такви услови неможноста да се пристапи кон НАТО и ЕУ е исклучително неповолна вест за Македонија што ја отапува желбата на граѓанинот и на политичарот да работи и понатаму на реформите“, изјави Ружин за Дојче Веле.

Атанасов: Внатрешното неединство не ослабува надвор

Соочена со фактот дека без решение за името е невозможен влез во НАТО, Македонија бара форма што барем ќе ја потврди подготвеноста на земјата за полоноправно членство. Македонската дипломатија е исправена пред предизвикот да најде земја- партнер членка на алијансата што ќе излобира Македонија да биде спомената во завршниот документ. Но тоа тешко оди. Дури и најголемите сојузници како Турција на пример се свесни дека залагањето за Македонија во ситуација на нерешен спор е безполезно.

Nikola Gruevski und Anders Fogh Rasmussen
Никола Груевски и Андерс Фог РасмусенФотографија: AP

Универзитетскиот професор Петар Атанасов смета дека потрагата по партнери оди тешко поради внатрешното неединство во земјата.

„Затоа што во овој момент политичката сцена во Македонија не зборува како еден. Имаме страшно разногласие, големо политичко непријателство, мислам дека бидејќи во внатрешната политика Македонија не зборува во еден глас и однатре ја губи силата за да може надвор да ја рефлектира својата позиција“, објаснува Атанасов.

Македонија донесе одлука за членство во НАТО уште во 1993 година, а две години подоцна стана членка на Партнерството за мир. Оттогаш релациите се во нагорна линија, земјата трпеливо ги спроведува реформите, армијата се престројува согласно бараните стандарди. Македонија беше партнер во косовската војна во 1999, а НАТО одигра клучна улога во смирување на конфликтот во Македонија во 2001 та. Една година подоцна Македонија испраќа војници во мировната мисија во Авганистан. Мајскиот самит во Чикаго ќе го одреди курсот на натамошните односи меѓу Македонија и Алијансата.