1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија без морален компас

Сузана Тодоровска-Павлоска25 февруари 2013

Вредностите коишто важеа, веќе не важат, но нови вредности не се создаваат. Може ли општеството да живее без цврста морална структура? На што се учат децата во времиња на себичност, во кои парите го имаат главниот збор?

https://p.dw.com/p/17l7B
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ние констатно имаме ерозија на моралните вредности. Некаде и дното го допревме и нема каде, па се давиме во капка вода! Вредностите кои важеа некогаш повеќе не важат, а во меѓувреме не усвоивме нови “, вели во разговорот за ДВ д-р Дејан Донев, професор по етика на Правниот факултет во Скопје.

Криза на вредностите

Континуираната морална криза во македонското општество се забележува речиси во сите сфери од човековото живеење и ги засега сите возрасти. Светските научници  предупредуваат дека сериозно е нарушена моралната структура на современите општества. Ни се случуваат  морален релативизам и конфузија, што влијае врз развојот на личниот идентитет кај младите, но и врз личниот интегритет. Кризата на вредностите ја има зафатено сферата на моралните вредности во меѓучовечките односи, институциите, медиумите, образованието, здравството и се губи довербата во нивната компетентност.

„Факт е дека ни се случува ерозија на етичките вредности, но тоа покажува дека претходно сме имале барем некакви вредности. Клучниот проблем со ЕУ не е само легислативата која треба да се среди, туку треба да се средиме и ментално! Значи, нема да ве прими додека не ги прифатите неговите вредности, целиот корпус на европски етички вредности. Јас ја застапувам теоријата дека не постојат стари и нови вредности. Вредностите се универзални. Само контекстот се менува. Што се случува со вредноста - дијалог и соработка? Ние паѓаме на сите испити! И не сакаме да правиме компромис, а животот во суштина е компромис!“, објаснува професор Донев.

Ние не сме сензибилизирани за етичките вредности

Експерите зборуваат за „морална интелигенција“- способност да се сфати разликата меѓу доброто и лошото, да се поседуваат силни етички убедувања - емпатија, совест, почитување, толерантност, љубезност, правда.

Skopje 2014 Makedonija
Општество со ерозија на морални вредностиФотографија: DW

„Ако етиката не може да допре до твојата свест дека користејќи го разумот треба добро да постапуваш, тогаш најдолната линија е правото. Удри го човек по џебот, казни го 50 или 100 евра, па така ќе се научи на стравопочитување! Но, и тогаш нема да биде етички сензибилизиран! Во тоа е нашиот проблем. Етичкиот кодекс треба да биде ваше производство, а не да ви го донесе некој министер. Затоа имаме проблеми во образовниот систем, затоа што сè повеќе влегуваат луѓе кои не се етички сензибилизирани. Моралниот развој се гради до 18-тата година“, вели Донев.

Себично општество во кое семејството е во криза, а образовниот систем „издишува“

Ако семејството е првиот нуклеус каде што треба да почнат да заживуваат вистинските добри решенија, тогаш  во нарушената семејна конструкција детето не може да ја види вистинската слика на животот. Психолозите велат дека нарушено поведение повеќе имаат деца од брачните заедници, отколку од разведени родители.

„Дисфункционалноста во однос на моралните вредности повеќе се гледа од други фактори. Економскиот момент е главниот и ги погоди сите семејства, а несигурното економско живеење раѓа други семејни проблеми кои го прават семејството дисфункционално и тоа семејство не може да му ги понуди  моралните вредности на своето дете. Кај парите и економската состојба започнуваат да се уриваат сите вредносни и морални системи. Да, ние стануваме себично општество затоа што ’игра’ парата! Притоа, на себичност ги учиме и децата. Децата погрешно стекнуваат впечаток дека односите со другите луѓе не се темелат на љубовта, почитувањето, пријателството... Треба да се работи на многу фронтови, на семејството и родителите да им се јакнат родителските вештини и капацитети. Ако семејството ’паѓа’, тогаш училиштето треба да се ’засили’“, вели во разговор за ДВ Снежана Пајовиќ, психолог во Заводот за социјални дејности.

Weihnachtspäckchenprojekt für Mazedonien
На што се учат децата?Фотографија: DW

Но, клучниот елемент во поттикнувањето и развојот на етичките и морални вредности - образовниот систем, „почна да издишува, па во нашите училишта повеќе се оди на формата, отколку на содржината,“, вели професорот Дејан Донев.

Ние не сме научени на преземање одговорност

Нарушени меѓучовечки односи, деградирање на темелните семејни и човечки вредности, отуѓеност, хипокризија - нарушени се меѓучовечките односи затоа што немаме нормална комуникација, а на вредностите треба да се учиме и преку институциите.

„Пред сè, треба да се свртиме кон себе - јас не можам да ви помогнам ако не можам да си помогнам себеси! Медиумите, од друга страна, треба да бидат ’кучиња чувари’- да опсервираат, да укажуваат и да развиваат таков тип на граѓанска агенда. Но, тие кај нас се ставени во последен план. На демократијата треба да и‘ се даде шанса, но ние сме подготвени за тоа. Во здравството имаме примери на комплетно заборавање на етичките вредности. Сметам дека ние уште не сме научени на одговорност, а камоли на преземање одговорност? Кој од политичарите во последните 20 години кој загубил на изборите презел морална одговорност?“, прашува Донев.