1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лош старт на фаворитите во Бундеслигата

8 август 2011

Бајерн Минхен се сопна уште на стартот од новото првенство во Бундеслигата. Подобро не минаа ниту минатогодишниот вицепрвак Бајер Леверкузен и полуфиналистот во Лигата на Шампионите, Шалке.

https://p.dw.com/p/12CqB
Мануел Нојер разочара на дебито за БајернФотографија: dapd

Најголемиот фаворит во новата бундеслигашка сезона, Бајерн Минхен се лизна на отворањето пред домашните навивачи. Повеќе од поразот од 1:0 од аутсајдерот Борусија Менхенгладбах, боли фактот што единствениот гол на мечот падна по грешка на најголемото овосезонско засилување на баварците, голманот Мануел Нојер. Репрезентативниот голман истрча во празно при едно нафрлување на гостите, а Игор Де Камарго ја смести топката во небранетата мрежа. Бајерн напаѓаше во текот на целиот меч, но не успеа да го совлада младиот, 19-годишен голман на Менхенгладбах, Марк Андре Терстеген.

„Сакаме да играме тимски и мислам дека денеска успеавме во тоа. Сите се бореа за тимот и успехот е резултат на таквото залагање“, изјави голманот Терстеген.

Публиката не виде ништо ниту од најавуваните шампионски амбиции на вечно вториот во лигата, Бајер Леверкузен. Мајнц на домашен терен заслужено го совлада Бајер со 2:0, благодарение пред се’ на катастрофалното издание на гостинската одбрана. Поразот тешко му падна на новото засилување на Бајер, Андре Ширле, кој дојде токму од Мајнц.

Bundesliga 1. Spieltag 2011/2012 FSV Mainz 05 - Bayer Leverkusen
Сами Алагуи го прославува првиот гол за МајнцФотографија: dapd

„Не одигравме добро од првата до последната минута и на тој начин овде не може да се победи. Добивме лекција дека без борба овде во Мајнц не може да се победи“, изјави Ширле.

Актуелниот првак Борусија Дортмунд уште во петокот им испрати порака на своите ривали дека сака да ја одбрани титулата. Убедливата победа од 3:1 над Хамбургер покажа дека Дортмунд и сезонава е главен фаворит.

Штутгарт го изненади Шалке

Четири големи тимови, Штутгарт, Шалке, Вердер и Волфсбург најавија дека сезонава нема да дозволат катастрофални резултати како лани. Три од нив, го одржаа ветувањето во првото коло. Во директниот дуел Штутгарт пред своите навивачи го совлада Шалке со 3:0.

„Ова беше одличен ден за Штутгарт, особено по отворањето на реновираниот стадион. Ја прикажавме играта што ја посакувавме и мислам дека ја задоволивме и публиката“, изјави тренерот на Штутгарт, Бруно Лабадиа.

Одличен старт забележа и Волфсбург. Со победата од 3:0 на гостувањето кај Келн демантирани се шпекулациите за лошата атмосфера во тимот на Феликс Магат. Од друга страна, големо разочарување за Келн, кој со новиот тренер Столе Солбакен се надеваше на добар старт.

Bundesliga 1. Spieltag 2011/2012 Werder Bremen - 1. FC Kaiserslautern
Вердер сталожен против Кајзерслаутерн. фото: Розенберг го постигнува вториот голФотографија: dapd

„Разочарани сме. Сакавме денеска да победиме, но не одеше. Волфсбург одигра одлично, иако и двата тима имаа шанси. Тие ги искористија нивните, ние нашите, за жал, не“, изјави Саша Ритер, кој во преодниот рок премина од Волфсбург во Келн.

Навивачите во Бремен имаат причина за задоволство откако нивниот Вердер на отворањето покажа добра игра и го совлада Кајзерслаутерн со 2:0.

„Многу сум задоволен од играта на тимот, особено што покажаа смиреност во нападот и дисциплина во одбраната. Тоа на крајот се исплатеше. Оттука презадоволен сум“, изјави менаџерот на Вердер, Клаус Алофс.

Променлива среќа за двата новодојдени тима во Бундеслигата. Херта, по едногодишна пауза, ги разочара преку 60-те илјади навивачи на Олимпискиот стадион во Берлин, забележувајќи пораз од 0:1 од Нирнберг.

Bundesliga 1. Spieltag 2011/2012 FC Augsburg - SC Freiburg
Играчите на Аугсбург го прослауваат првиот, историски бод во БундеслигатаФотографија: dapd

„Мораме да учиме од овој пораз. Треба да играме помирно, да не ја губиме топката толку брзо и да дадеме повеќе уште во следниот меч“, изјави Андреас Отл од Херта.

Дебитантот Аугсбург стигна до првиот бод

Дебитантот во Бундеслигата, Аугсбург успеа да стигне до бод на домашен терен против Фрајбург. Домаќините на два пати беа во негатива, но со двата гола на Мелдерс стигнаа до 2:2.

Во последниот меч од првото коло, минатогодишното изненадување Хановер покажа дека и во новата сезона ќе биде силен противник. На својот стадион Хановер го совлада Хофенхајм со 2:1, иако гостите имаа многу забелешки за првиот гол, кој беше постигнат од слободен удар додека тие уште го местеа „живиот ѕид“.

„Ние бевме подобар противник во текот на целиот меч. Примивме два гола, првиот од слободен удар, а вториот од пенал. Сепак мора да научиме дека кога сме подобри, треба да ги користиме шансите“, изјави голманот на Хофенхајм, Том Штарке.

Автор: Андреас Ш. Цимонс/ Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски