Лош старт на ватерполистите
2 април 2012На турнирот кој се одржува во Едмонтон (Канада), македонските ватерполисти доцна синоќа (01.04) во 1. коло од групата „А“ беа поразени со 12:2. По четвртини резултатот изнесуваше 1:0; 3:2; 3:0 и 5:0.
Матео Чук беше единствениот во македонската репрезентација кој успеа да се запише во листата на стрелците и тоа во вториот период, додека во останатите три четвртини Македонија не успеа да ја погоди мрежата на Грција.
Во рамките на 2. коло, доцна вечер (23 часот и 40 минути) Македонија за противник ќе ја има Холандија, која синоќа беше поразена од Црна Гора со 12:6.
Германија со 10:9 ја победи Романија, во натпревар со кој беше заокружено 1. коло од групата „А“.
Во групата „Б“ ќе играат Турција, Шпанија, Бразил, Аргентина и домаќинот Канада, додека Венецуела го откажа своето учество.
Четирите првопласирани репрезентации од групите ќе изборат пласман во четвртфиналето, а победниците во четвртфиналните натпревари ќе обезбедат учество на Олимписките игри во Лондон.
Македонската ватерполо репрезентација се најде во овие предквалификации, откако Нов Зеланд го откажа учеството. Таа по вторпат учествува на олимписки квалификации, откако пред четири години во Орадеа за Игрите во Пекинг го освои 8. место.