1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лошото дете Хуго

11 септември 2019

Во ситуација кога власта порачува дека ЕУ и НАТО и се приоритет, а не ја отфрла идејата за предвремени избори, ВМРО ДПМНЕ изгледа како да бара избори без јасна причина, од чист политички каприц. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/3POy1
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Преговорите за законот со кој ќе се регулираше судбината на СЈО, еве монументално се насукаа.  И покрај фактот што за голем дел од критичката јавност општата ситуација е апатична и „мириса на пораз” во смисла на испорака на правда и правна држава, сепак, мислам дека од политичка гледна точка, на ова прашање Мицкоски не може никако да излезе како победник. На некои други прашања опозицијата во моментов сериозно добива рејтинг, власта има предизвици кои ја опколуваат од сите страни, но мислам дека на ова прашање сепак Заев дава впечаток на подобро стратешки позициониран.  Оттаму сметам дека Мицкоски влегува во однапред загубена битка, барем што се однесува на прашањето на овој законски проект.

Еве зошто мислам дека Мицкоски ќе има проблем да извлече политичка корист од сегашниот процес. Прво, тој во моментов изгледа како да уценува, а Заев изгледа дека е уценуван, што не е добра позиција во јавноста, бидејќи има потенцијал да создаде симпатии кон Заев како жртва.  Второ, суштината на барањата на Мицкоски е проблематична, и тој има проблем да создаде витален и конзистентен политички наратив кој би можел да го презентира како столб и принцип на неговите барања во преговорите. Барањето за предвремени парламентарни избори во моментов изгледа како чист политички каприц, особено во сегашниот контекст на ЕУ и НАТО.  Инсистирањето на предвремени парламентарни избори, во основа, мора да биде поврзано со некаква сериозна општествена, политичка или социјална криза, не може да биде предмет на опортунитет на опозицијата. Во ситуација во која власта порачува дека ЕУ и НАТО и се приоритет, но не ја отфрла идејата за предвремени избори, ВМРО ДПМНЕ изгледа како да бара избори без јасна причина.  Ако нивните прогнози се точни, дека власта губи рејтинг секој ден, следи заклучокот дека подоцна нивната победа би била посилна. Оттаму не верувам дека тој каприц Мицковски може позитивно да го продаде во јавноста.

Погрешно фокусирање на ВМРО ДПМНЕ

Вториот проблем во барањата е ова невозможно барање за пасивизација на предметите од (сега веќе бившото) СЈО. Мицкоски на ова барање мислам дека најмногу ќе се насука. Прво, маневарот со кој предметите веќе се во рацете на Јовевски исполнува две големи цели: (1) овозможува, за ЕУ и НАТО, доказ дека предметите, како симбол на борбата против криминалот и корупцијата, ќе продолжат, и (2) на ВМРО ДПМНЕ и останатите засегнати страни им одзема еден главен адут, односно ги исфрла предметите од преговорите како fait accompli, завршена работа. Ова мислам дека погрешно ја фокусира ВМРО ДПМНЕ кон тие предмети, што власта ќе го толкува, а јавноста ја веројатно ќе го прифати, како повторен обид за амнестија. На овој начин, Мицковски му оди во полза на Заев.  Тој со инсистирањето на укинување на предметите од СЈО, ја зацрвснува партиската војска, која верува дека тие се политички прогон, но истовремено ги одвраќа неопределените од себе, кои со ова само се потсеќаат зошто воопшто го гласаа Заев. Стоењето во тој наратив за Мицкоски е погубно, бидејќи го враќа за него неповолната агенда на криминал и корупција од страна на ВМРО ДПМНЕ.

За Мицкоски сите сценарија се неповолни

Третото барање на опозицијата, а тоа е тие да имаат поголемо влијание врз бирањето на нов обвинител кој би се бавел со случаи на висока корупција, има смисол.  На крајот, високата корупција најчесто е сконцентрирана во власта, и логично е обвинителот кој тие случаи би ги гонел да биде поблизок со опозицијата како мотив плус да ја работи својата работа како што треба.  Но ова барање мислам дека Мицкоски ќе го добие, и со тоа ќе му се избие единствениот логичен адут во сегашните натегања.

Други колумни од авторот: 

Епидемија

Валпургиска година

За расплетот во третиот чин

На крајот, за Мицкоски сите сценарија се неповолни (по ова прашање, на другите прашања власта и тоа како има предизвици). Барањето на јавноста е едноставно: да се процесираат случаи и за ВМРО ДПМНЕ, и за СДСМ. Значи јавноста сака и предметите да продолжат, и да се назначи ново обвинителство кое би „и дишело во врат” на сегашната власт. По ова прашање, ќар ќе биде онаа партија која ќе биде најблиску до овие барања, а тоа, во моментов, не е ВМРО ДПМНЕ, која се обидува наместо да ги испорача двете, едното да го замени со другото. Начинот, дополнително, на кој го прави тоа, ги прави да изгледаат како лошото дете Хуго.

За ЕУ, важно е политичкиот елити да покажат подготвеност за борба против системската корупција.  Со последното процесирање на предметите на СЈО, постои сериозна можност за датумот и досегашните напори од власта да бидат доволни, што на Мицкоски би му направило дупло голо: ем да биде виновен, а датум да добиеме. Другите опции исто така не му одат во полза: ако го добиеме датумот, СДСМ ќе биде заслужен, а ако не го добиеме, ВМРО ДПМНЕ ќе биде виновен.