1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ловци на далечините

Златко Калински 16 август 2013

Скок во далечина е дисциплина која низ атлетската историја имаше впечатливи моменти и личности. И во финалето на светското првенство во Москва нема да изостане очекуваниот натпреварувачки предизвик.

https://p.dw.com/p/19QnA
Athletes compete at the 14th IAAF World Championships in Athletics at Luzhniki Stadium in Moscow, Russia, 10 August 2013. Photo: Michael Kappeler/dpa +++(c) dpa - Bildfunk+++
Leichtathletik-WM MoskauФотографија: picture-alliance/dpa

Големите ловци на далечините од минатото, силната конкуренција во одредени периоди од атлетското време, направија оваа дисциплина да биде една од најелитните.

Од здравото ривалство меѓу Американецот Џеси Овенс и Германецот Луц Лонг во финалето на Олимпијадата во Берлин во 1936 година со наизменичните скокови над 8 метри, се изнедри една од најубавите спортски приказни. Сензационалниот скок на Боб Бимон од 8.90 на Олимписките игри во Сјудад Мексико во 1968 година беше категоризиран како вонвременски. Со децении тој скок е синоним за нешто изненадувачко, големо и тешко достижно!

Токио 91 за историјата

Настаните во скок во далечина на светските првенства се придружија во градењето на имиџот на оваа дисциплина. Првата генерација „мундијалци“ ја предводеа главно Американци: Карл Луис, Лари Мајрикс, Мајк Конли... и Роберт Емијан од СССР, кој и денес е актуелен европски рекордер со извонредните 8.86 од 1987 година.

Со појавата на Мајк Пауел на почетокот на 90-тите битката за светскиот примат стана уште поинтересна. Дотогаш неприкосновениот Карл Луис во него доби рамноправен противник на залетиштето. Неколкуте нивни меѓусебни натпреварувања беа само увертира за незаборавниот двобој што се случи на светското првенство во Токио во 1991 година. Најнапред Пауел скокна 8.54, потоа Луис 8.91 што дотогаш беше најдолг скок во историјата, но со недозволено силен ветар... Битката кулминира во 5-та серија кога Пауел возвраќа на фасцинантен начин. Прелета 8.95, далечина со која го урна митот за недостижноста на резултатот на Боб Бимон. Фантастичната далечина беше постигната на нулта надморска височина, за разлика од скокот на Бимон во услови на разреден воздух.

„Тоа беше сон, кој стана вистина. До последниот момент стравував дека Луис ќе ме победи, бидејќи скокаше како никогаш дотогаш“, се сеќава Мајк Пауел на тоа големо финале.

И после 22 години овој резултат стои неприкосновено на светската рекордерска листа!

Мундијалски великани

Во годините подоцна ќе се појават нови имиња со големи скокачки можности. Кубанецот Иван Педросо во еден подолг период ќе биде лидер во оваа дисциплина. Во 1995-та година во Гетеборг златниот медал го освои со скок од 8.70. На 4 светски првенства едноподруго тој ќе е недостижен за конкурентите.

Улогата на сукцесор на „големите“ денеска ја има Американецот Двајт Филипс. Со 4 златни и еден бронзен медал тој е најтрофејниот скокач во далечина на мундијалите. Го брани златото од Даегу во 2011 година. Москва е неговиот нов, можеби и последен голем натпреварувачки предизвик во кариерата. Во својата 36-та година ќе биде дел од седмото свое мундијалско финале. Ја нема веќе силата и брзината за скокови од преку 8.70 што ги постигнуваше во минатото. Можеби искуството ќе му помогне да влезе во конкуренција за медал. Како и да е Двајт Филипс е великан- ветеран, инспирација за другите финалисти да се обидат да направат историски исчекор.