1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Мајка ми има Ковид... и хаосот започна!

Николета Атанасова
12 ноември 2020

Како изгледа голготата на заразените од коронавирус во соседна Бугарија? Нашата колешка од бугарската редакција на ДВ Николета Атанасова, си ја отвори душата.

https://p.dw.com/p/3lBYB
Bulgarien Corona-Pandemie Krankenhaus
Фотографија: BGNES

На мајка ми и е роденден. Пред два дена го загуби чувството за мирис и вкус. Од неделата има лесна температура, која минува без лекарства. И се јавувам на пријателка во болницата „Пирогов“. „Воопшто не доаѓајте кај нас. Страшно е. Целосен хаос. Лудница“, ми вели таа. Барам друга болница. Заедно со позитивниот тест, мајка ми доби и сериозна терапија за дома. Наместо торта, треба да си направи и ПЦР тест, за да влезе во системот, „ако се влоши“.

И хаосот започна

За мене нема препораки. Ми рекоа само да седам дома. Некој не ми кажува дали да се тестирам откако бев во контакт со мајка ми еден ден пред да и се појават симптоми. Разговарам со познати лекари, кои ми препорачуваат да не одам да се тестирам, затоа што ако не сум заразена, со сигурност ќе се заразам. Седам дома и при секое кивање, замор, желба за сон, болка во главата се раѓа прашањето: почнуваат ли и кај мене симптомите?
Мајка ми обиколи со автомобилот неколку лаборатории. Насекаде чекаат десетици луѓе. Ме прашува по телефон дали е безбедно да чека во редот, дури и со маска, доколку е болна.
„А што ако заразам некого? Ќе чекам во автомобилот додека да ми дојде редот. Но зошто не го признаваат тестот на антитела, која е неговата полезност тогаш? Глупаво е да правиш два теста само за да влезеш во протоколот за прием во болница. Та, и со ПЦР тест и без него, нема место во болниците“.
Се слушаме повторно, откако и направиле ПЦР тест. Ми го раскажува следното:
„Тропам на вратата и лаборантката подвикнува: ’За што сте?’ И кажувам. Таа ме погледнува незаинтересирано и ме прашува зошто сум решила да правам ПЦР тест. Одговорам, дека е затоа што имам позитивен тест на антитела.
Таа: ’Е па тогаш чуму ви е ПЦР? Одете си’. И кажувам дека ме праќаат од болницата, каде ми направија тест на антитела. Таа реагира налутено и ме кара што се движам меѓу луѓето со позитивен тест на антитела. И објаснувам дека чекав во возилото. Ми поставува друго прашање: ’Кој ве зарази?’ Одговарам дека не знам, но дека насекаде се движам со маска и не се среќавам со никого откако се појавија симптоми.
’Е, добро, седнете’. Конечно ме прими“.
Чекаме 48 часа резултат од ПЦР. Никој не ни кажува од кој момент треба да ги броиме 14 дена карантин- од почетокот на симптомите или од позитивниот ПЦР тест.
Мајка ми звони кај матичната лекарка.
„Зошто дури сега почнуваш со антибиотик и си чекала седум дни?“, ја прашува лекарката и продолжува со монологот, без да почека одговор. „Штом ги имаш сите тестови и терапија, зошто се јавуваш? Пиј си ги и седи си дома“.
И јас се јавувам, за да разберам што да правам, откако на десеттиот ден од контактот со мајка ми немам симптоми (или барем така мислам).
„Свиркај си!“, ми вели таа. Продолжувам да инсистирам и прашувам дали сепак да направам некаков тест, за да знам дали сум била заразена, а можеби и се уште сум.
„А зошто ме прашуваш такви работи? Толку многу работи се изнапишаа. Прави каков тест сакаш“.
„Да пијам ли цинк, селен, нешто...?“
„Јас не пијам ништо освен витамин Д. Пиј што сакаш".
„Кој да ми каже кога можам да одам на работа или до продавница?“
„Е па, штом на десеттиот ден немаш симптоми, уживај. Оди каде сакаш“.

Му пишав на пријател, кој е лекар и работи со болни од Ковид-19 во Германија. Му раскажувам се, и тој ми вели: „Од осмиот до десеттиот ден по контактот се критични. Доколку се влошат работите- тогаш ќе биде. По 12-от ден од контактот можеш веќе да бидеш поспокојна, доколку не се појавиле симптоми. Но најдобро остани си дома 14 дена“.

Си седиме дома и си чекаме

Уште три дена. Денеска е десеттиот ден од почетокот на симптомите на мајка ми и 11 ден од нашиот контакт. Немам претстава ниту што да правам со себе, ниту како да „уживам“. Термометарот ми е единствено оружје. Го размафтувам на секои два часа, за воглавно да се плашам себеси. Со денови веќе не читам и не гледам ништо што е поврзано со коронавирусот. Единствено не можам да го исклучам звукот на амбулантите на булеварот под мене.
Барем сум мирна за мајка ми, која пие лекарства. Се молам и се надевам дека за некои три-четири дена заедно ќе каснеме од роденденската торта.
Само да не дигнам температура.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи