1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерска средба за евроатлантските интеграции

24 јули 2009

Лидерите на најголемите парламентарни политички партии разговараат за прашањата важни за интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО.

https://p.dw.com/p/IwrV
Фотографија: Petr Stojanovski

По подолг период во Скопје се оддржува лидерска средба и прво непосредно соочување меѓу премиерот Никола Груевски и претседателот на опозиционата СДСМ, Бранко Црвенковски, откако екс-претседателот се врати на чело на Социјалдемократите. Иницијативата за средбата е на премиерот Груевски, кој денеска одржа и брифинг со неколкумина амбасадори во Скопје. Мини владиниот кабинет реферираше за текот за усвојувањето на еврозаконите и шансите за Македонија да добие датум за преговори за Европската унија, како и за можниот одговор по најновиот пакет на медијаторот во грчко-македонскиот спор околу името Метју Нимиц.

Лидерите на најголемите политички партии се сретнуваат само еден ден по посетата на еврокомесарот за проширување, Оли Рен, кој порача дека очекува брзо и квалитетно спроведување на останатите предуслови за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Пораките од посетата на Рен на Скопје предизвикаа поделени реакции меѓу аналитичарите. „Оваа посета, овој настан сметам дека треба да не не‘ охрабрува многу, заради тоа што нашата задача останува. За среќа сметам дека беше доблесен и ги отфри неколку од краткорочните приоритети“, оцени Марија Ристевска од Центарот за креирање на политики. Таа предупредува дека Македонија не треба да ја зафаќа еуфорија по дипломатската стимулација од Оли Рен оти има шанси за преговори со Унијата, доколку се усвојат последните три закони од листата на која инсистира Унијата и Брисел.

Наспроти магистер Ристевска, од Институтот за демократија велат дека оптимизмот е реален, ако се оствари донесувањето на бараните закони за финансирање на партиите, за парламентот и за државни службеници. „Ние се враќаме повторно на оние стари позиции дека доколку сработите тоа што треба да се сработи, ние ќе ви дадеме награда. Датум за преговори е обврска, датум за преговори е и награда затоа што ние чекаме четири години за тоа. Многу држави добија датум за преговори, иако беа далеку зад нас“, кажа Владимир Божиновски од Институтот за демократија.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска