1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерската средба кај Груевски под знак прашалник

Александар Чомовски15 септември 2006

Доведена е во прашање лидерската средба на премиерот со шефовите на парламентарните опозициони партии, закажана за време на викендот.

https://p.dw.com/p/AdcK
Ахмети не доаѓа во Скопје
Ахмети не доаѓа во СкопјеФотографија: AP

Челникот на ДУИ, Али Ахмети, попладнево не доаѓа во Скопје, ниту пак премиерот Нкола Груевски ја прифаќа ултимативната возвратена покана на Ахмети – разговорите да се одржат во тетовската населба Шипковица, култно село за штабот и припадниците на ОНА. Се премислува и лидерот на СДСМ, кому партискиот врв синоќа му препушти да реши самиот - дали ќе ја прифати поканата за разговор околу евро-атлантските приоритети и законските реформи, што ги планира владата на Груевски. Во име на лидерот на СДСМ, Владо Бучковски, се огласи шефот на парламентарната група, Јани Макрадули, кој оценува дека Груевски ја закажал лидерската средба како алиби пред патот во Брисел:

“За жал тие теми не беа на агендата. Темата-алиби за лидерската средба беше позицијата пред одењето во Брисел“, рече Макрадули.

СДСМ е незадоволен од постапката на владата за итно разрешување на државниот обвинител, иако и самиот имаше сериозни забелешки на инертноста на Александар Прчевски во справувањето со криминалот во Македонија. Засега е извесно дека поканата на Гртуевски ја прифаќаат ВМРО народна партија и ЛДП.

Меѓународната заедница и натаму силно лобира за продолжен и неопходен дијалог меѓу власта и опозицијата. Таа особенно се спротивставува на можното маргинализирање на ДУИ, но и на нејзиното ултимативно настапување кон власта.

“За владата е важно да разговара со опозицијата, како што таа мора да покаже флексибилност во дијалогот со премиерот и луѓето од власта“, оцени амбасадорот на САД во Македонија, Џилијан Милованович.

Дури и да не дојде до посакуваното ракување Груевски-Ахмети, самото присуство на ДУИ на свечената седница на денот на независноста значи и постепено враќање во парламентот. Првиот тест за институтционално реагирање, интегративците ќе го имаат околу експресното предложено законско решение за полицијата, на чии одредби се противи ДУИ, додека беше дел од кабинетот на екс- премиерот Бучковски.