1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либиски бегалски егзодус

12 мај 2011

Поради војната, Либија ја напуштија речиси 750 илјади луѓе, како Либијци, така и странски работници. Сите тие имаат неизвесна судбина, не се знае ниту како земјата економски ќе го поднесе егзодусот на странски работници.

https://p.dw.com/p/11DpH
Важно е да се спаси животот...
Важно е да се спаси животот...Фотографија: AP

„Беше страшно, дење и ноќе гранати, трупите убиваа жени и деца. Бомбите паѓаа без прекин“.

Малото момче од Мисрата успеало да избега од опколениот град. Неговото семејство го фатило последниот брод кој успеал да се пробие кон Бенгази низ ројот гранати. Тоа спаѓа во најсреќните: доаѓа од Либија и може да се смести кај роднини. Неговото бегство е при крај. Но, на бродот тој е во малцинство, објаснува Отман Белбеси од Меѓународната организација за мигранти, ИОМ:

„При оваа евакуација на бродот имавме 827 странски работници, 36 ранети и неколку либиски семејства“.

Исчекување на спас

Најголемиот број од мигрантите претходно со недели кампираа во пристаништето во Мисрата, постојано во надеж дека ќе успеат да се качат на брод кој ќе одведе во безбедност, а секогаш во страв за својот живот, вели овој бегалец од Нигерија:

„Толку работи се случија. Во Мисрата многу страдавме поради војната“.

Lybien Choucha Flüchtlinge
Фотографија: Gaia Anderson

Следната станица за него е, како и за многуте други, бегалски камп. Околу 3 илјади луѓе во Бенгази чекаат на можност да го продолжат патувањето во нивните татковини, откако мораа да го напуштат сонот за подобар живот во богатата со нафта Либија. Многумина платиле илјадници долари за да се качат на брод. Џереми Хаслан од Меѓународната организација на мигранти:

„Некои буквално оставиле се‘ зад себе, дури и своите лични документи. Дома одат со празни раце. Тие беа хранители на големи семејства, ова ќе има далекусежни последици“.

Соседите се претворија во непријатели

Некои од нив не само што ја доживеаја војната и уништувањето, туку и трансформацијата на соседите во непријатели, зашто црнците беа обвинувани дека се војници на Гадафи, вели Кураж од Нигерија:

„Се враќав од работа и наеднаш почна да ме следи еден автомобил. Ми викнаа да застанам. Но, не можев да го направам тоа, зашто в раце имаа нож. Потрчав да си го спасам животот, ако ме фатеа, веќе ќе бев мртов“.

Lybien Choucha Flüchtlinge
Фотографија: Gaia Anderson

Сега бегалците се во логори во Бенгази, на границата кон Египет, кон Тунис, кон Нигерија. На опасниот пат преку морето кон Италија се решава само помал дел. Околу 20 илјади мигранти се осмелија да се качат на преполни и несигурни бротчиња кон Лампедуза. Но, во бегство се околу 750 илјади луѓе. Нивното згрижување на бунтовниците во Либија им задава маки, а и на соседите. Но, и егзодусот на странските работници е вистинска катастрофа. Според проценките, во Либија работеа околу 2,5 милиони легални или илегални мигранти - во градежништвото, здравството, во земјоделството. Речиси исто толку колку што имаше и домашни работници. Сега голем дел од нив се избегани, а дали ќе се вратат, е сосем неизвесно. Исто како и одговорот на прашањето - кој ќе ги замени, кога конечно во земјата ќе се врати мирот?

Автор: Линда Штауде/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски