1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летоци -„упатство“ за мигрантите од Идомени

Ж.Ацеска/дпа.15 март 2016

Вчерашниот егзодус на стотици мигранти од Грција во Македонија, според грчката влада, е предизвикан од флаер на арапски јазик како можат да ја заобиколат жичената ограда. Македонија сака да ги врати бегалците во Грција

https://p.dw.com/p/1IDBq
Фотографија: Reuters/S. Nenov

На мигрантите кои со недели остануваат да чекаат во кампот кај Идомени во Грција, преку флаер на арапски јазик им било сугерирано како да ја преминат македонската граница. Освен тоа, во летокот се содржани погрешни информации во врска со намерите на Атина, се истакнува од грчкиот Кризен штаб за бегалската криза утрово во Атина. Кој се крие зад флаерот, официјално не се соопштува.

Во текстот на летоците делени меѓу бегалците и мигрантите во Идомени, во превод објавени во грчкиот печат, се вели дека грчко-македонската граница е и ќе остане затворена, дека нема возови и автобуси кои ќе ги превезуваат луѓето кон Германија, а можно е оние кои се останати во Грција, да бидат крајно пренесени во Турција. Понатаму, се вели во флаерот, оној кој ќе успее да стигне илегално во некоја друга држава на централна или источна Европа, ќе може да остане таму, а Германија ги прифаќа уште само бегалците. Можно е логорот кај Идомени идните денови да биде евакуиран, по што бегалците и мигрантите ќе бидат пренесени во друг логор или пренесени во Турција. Потоа се сугерира решението: „Жичената ограда, која стои пред вас, треба само да ве наведе на погрешна помисла оти границата е затворена. Оградата завршува неколку километри понатаму, таму не постои ограда која би ве спречила да влезете во Македонија. Можете да преминете овде (погледнете на картата). Ако се движите во помали групи, ќе бидете уапсени од страна на македонската полиција или армијата и вратени во Грција. Но, ако ијадници од вас се обидат истовремено да ја преминат границата, полицијата нема да може да ве запре,“ стои во „упатството“.

Griechenland Mazedonien Flüchtlinge bei Idomeni
Фотографија: Getty Images/M. Cardy

Поради драматичната состојба на бегалците во северна Грција, вчера стотици од нив ја преминаа грчко-македонската граница преку Сува Река, но кратко потоа беа запрени од полицијата. Македонија планира денеска да ги врати луѓето назад во Грција. Атина, како што изјави пак портпаролот на грчкиот Кризен штаб за бегалци, Јоргос Курицис за ТВ Скај утрово во Атина, ќе размисли околу прифаќањето на овие бегалци, зашто македонските власти сеуште не доставиле соодветно барање. „Кога тоа ќе ни го достават, ќе размислиме и ќе донесеме одлука“, изјави тој.

Според проценките на македонските медиуми, вчера на околу две илјади мигранти од грчкиот прифатен бегалски логор Идомени им успеа да ја заобиколат граничната ограда и да влезат во Македонија.