1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летно сметање на времето: благослов и бауч во исто време

Зулфикар Абани
26 март 2022

Некои велат дека ни дава подолг ден, други го поврзуваат со срцеви и мозочни удари, дури и со сообраќајни несреќи. Некои би сакале да го укинат. Еве неколку начини како да се справите со летното сметање на времето.

https://p.dw.com/p/48sx6
Symbolbild schlafen im Büro
Фотографија: Eric Audras/PhotoAlto/imago images

Војните отсекогаш биле време на иновации во нужда. Така, летното сметање на времето за првпат било воведено во Германија во 1916 година, со цел работниот ден да се одвива што подолго додека е ден. Требало да се заштеди на струја. Другите земји го следеле примерот. 

Оттогаш, на пролет ги поместуваме часовниците еден час напред, а на есен час наназад. Ноќта меѓу сабота и недела на 27 март, часовниците во два часот наутро се поместуваат на три часот.

Луѓето и другите животни имаат природно чувство за време, деноноќен ритам што се развива пред раѓање. Тоа е суштински дел од нашето битие. Играњето со тој ритам може да биде опасно. Истражувачите забележале зголемување на бројот на сообраќајни несреќи и срцеви удари кога часовникот се движи напред - повеќе отколку кога се движи наназад.

Од друга страна, компаниите имаат тенденција да профитираат од ограниченото време додека е ден, односно додека има сончева светлина. Во тоа време треба да работите и да бидете активни на други начини.

Така дојде до поделба последниве години. Голем број земји, од кои некои се во ЕУ, сакаат да го укинат летното сметање на времето. Турција и делови од Канада веќе го направија тоа. Србија претходно изјави дека ќе ја следи ЕУ.

Други, вклучително и САД, не размислуваат за такво нешто. Со едногласна одлука во американскиот Сенат помина Законот за заштита од сонце, кој предвидува дека промената на летното и зимското сметање на времето остануваат задолжителни. Тоа наскоро би можело да стане закон.

Во корист на поместување на часовникот

Најстариот аргумент на поборниците за поместување на часовникот беше и останува дека промената е добра за економската активност.

Вториот аргумент е подолг ден - еден час повеќе сончева светлина попладне или навечер. Се разбира, тоа не е навистина еден час повеќе, бидејќи не влијаеме на Сонцето, туку одлучуваме кога ќе го започнеме работниот ден, а кога ќе имаме време за одмор.

На пример, повеќе светлина по работното време ја поттикнува потрошувачката затоа што луѓето поминуваат повеќе време во шопинг, во кафулиња и ресторани. Но, и повеќе спортуваат.

Една од предностите е што користиме помалку вештачка светлина и електрична енергија. Сепак, зависи и од тоа каде живееме. Речиси нема разлика околу Екваторот.

Има и здравствени аргументи: сончевите зраци ни даваат витамин Д, а тој помага во апсорпцијата на калциумот, кој ги зајакнува коските. Природната светлина е добра и за видот, особено кај децата, очите произведуваат повеќе допамин, што го намалува ризикот од миопија.

Повеќе дневна светлина го подобрува сонот. А, тоа може да го подобри вашето расположение и да помогне при ментални проблеми како што е депресијата.

Негативни страни на поместување на часовникот

Заштеда на енергија? Има различни докази. На пример, Турција воведе постојано летно сметање на времето во 2016 година, тврдејќи дека може да заштеди електрична енергија. Но, кога истражувачите ставиле сè на хартија, виделе дека ништо не е заштедено.

Американското Министерство за енергетика вели поинаку во студија од 2008 година. Таму тие тврдеа дека за само четири недели од летното сметање на времето, САД заштедуваат 1,3 милијарди киловат-часови електрична енергија, што одговара на количината на електрична енергија што ја трошат 100.000 домаќинства за целата година.

Можеби се зависи од тоа каде живеете и како е организирана економијата во таа земја.

Како една од лошите страни се наведуваат и здравствените ризици кои научниците ги поврзуваат со префрлањето на летното сметање на времето. Тогаш по правило се јавуваат повеќе срцеви и мозочни удари и други кардиоваскуларни проблеми.

Едно американско истражување во 2018 година покажа дека бројот на приеми во болница поради атријална фибрилација - еден вид нарушување на срцевиот ритам - расте откако ќе се смени часовникот во пролет. Оваа фибрилација може да доведе до згрутчување на крвта, мозочни удари или срцева слабост.

Вообичаено е да имаме повеќе или помалку проблеми со спиењето додека не се навикнеме на летното сметање на времето. Ова може да влијае на меморијата, концентрацијата или брзите реакции - на пример додека возите. Може да предизвика нервоза и да влијае на исхраната.

Летното сметање на времето наводно го зголемува ризикот од депресија. Една данска студија од 2017 година наведува дека промената на часовникот веројатно предизвикува „зголемување на инциденцата на депресивни епизоди (...) бидејќи преминот кон летното сметање на времето влијае на деноноќниот ритам“.

Неколку совети

Почнете да се подготвувате за летното сметање на времето околу една недела однапред. Одете на спиење 15-20 минути порано, секој ден. Ако ништо друго, експертите велат дека подобро ќе се одморите. И можеби ќе почнете да станувате малку порано.

Избегнувајте вишок кофеин и попладневни дремки, бидејќи тоа го отежнува спиењето навечер. Најдобро е кога се ближи летното сметање на времето, последното кафе да го испиете околу два попладне.

-повеќе на темата: Кога конечно ќе се укине промената на сметањето на времето?

Прошетка и воздух. Излезете од дома и прошетајте на утринското сонце.

Затемнете ја просторијата кога спиете. Избегнувајте електронски уреди пред спиење, бидејќи, вештачката светлина од екранот го отежнува заспивањето.

На крајот на краиштата, не брзајте. Ако чувствувате мамурлак, не возете. Ако не се чувствувате добро, одете на лекар!