1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Лекцијата од Алепо: воените злосторства се исплаќаат

Рајнер Золих
15 декември 2016

Режимот во Сирија со руска и со иранска поддршка несомнено оствари воена победа во Алепо. Скандалозно е што светот пасивно го набљудуваше убивањето, смета Рајнер Золих.

https://p.dw.com/p/2UK13
Syrien Aleppo nach der Kapitulation der Rebellen
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/T. Abdullayev

Али Лариџани меѓу првите го честиташе „ослободувањето“ на Алепо. „Сирискиот народ“ таму оствари  „успех против терористите“, според изјави претседателот на иранскиот парламент.

Во реалноста, тоа беше бесрамна самопофалба: воената победа на режимот на Асад во Алепо не би била можна без масивна поддршка од Иран и шиитските милици финансирани од Иран, каква што е либанската Хезболах. И тоа би било тешко возможно без активно учество на Русија во форма на најбрутални воздушни напади - како врз вооружените бунтовници, така и врз цивилното население.

Човечките животи не вредат ништо

До неодамна, а и натаму, ќе продолжат борбите и бомбардирањата во Алепо. Човечките животи и за двете страни не вредат ништо. Станува збор за уништување на противникот - без оглед на загубите. Според ОН,  во последните неколку дена се случиле страшни масакри. А дури и кога на победниците потоа ќе им успее да го заземат и последниот блок куќи, се стравува од нови злосторства .

Триумфалниот воен поход на режимот на Асад е незапирлив додека може да се потпре на своите сојузници. Штом цело Алепо ќе падне под контрола на режимот на Башар ал-Асад, речиси е сигурно дека тој погледот ќе го насочи кон останатите бунтовнички области во регионот Идлиб. Значи војната ќе продолжи и ќе има уште многу жртви. Кој или што би можело да го запре Асад ?

Sollich Rainer Kommentarbild App
Рајнер Золих

Западот или таканаречената „меѓународна заедница“, секако, не! Обединетите нации комплетно потфрлија, како што впрочем призна генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Светот целосно пасивно гледа на убиствата во Алепо и во останатите делови на Сирија. Иако дипломатија работи на високи вртежи, зад сето тоа не се крие ништо друго освен чиста немоќ: никој не доаѓа на помош на измачените цивили!  И со идниот американски претседател Доналд Трамп во тоа нема ништо да се промени.

Ништо веќе не оди без Русија и Иран

Воените злосторства се исплаќаат - ова е горката порака од Алепо. А втората гласи: во Сирија веќе ништо не оди без Русија и Иран. Во Ирак, Либан и во Египет, владите можеби имаат симпатии за ваквиот нов „поредок“ во нивниот регион. Но, Саудиска Арабија и други земји во Персискиот залив тешко дека ќе го прифатат ова и согласно тоа продолжуваат да им доставуваат муниција на нивните сојузници. Значи убивањето продолжува.